Фото: ЕПА

Бугарија

Избувнувањето на заразата од овча чума во Бугарија стана тешко искушение за властите, кои беа принудени да испратат на тестирање примероци од крв од животните во Монпелје, Франција, бидејќи локалните сточари немаат доверба во владата и тамошните лаборатории.
Министерот за земјоделство Георги Тахов рече дека бугарските власти зеле стотици позитивни примероци од овци на фарми во близината на јужниот планински град Велинград, на 120 километри од границата со Грција.
– Зедовме над 300 примероци – тие се 100 отсто позитивни. Не се сомневаме ниту во првите примероци ниту во вторите примероци. Ги поканувам погодените фармери на разговор. Животните мора да бидат евтаназирани – рече министерот за земјоделство.
Овчата чума е откриена во три стада од 1.760 животни, кои се чуваат заедно во пет сточарски објекти. Според бугарските и регулативите на ЕУ, овците мора да се усмртат за да се спречи ширењето на болеста. Болеста не е опасна за луѓето, дури и ако јаделе месо од заразено животно. Но, сепак, може да предизвика голема економска штета, бидејќи многу брзо се пренесува меѓу животните.
Случајот со заразата предизвика силна негативна реакција во бугарската јавност, видлива и на социјалните мрежи. Во понеделникот вечер беше свикан протест пред куќата на министерот за земјоделство во градот Пештера, со барање да не се усмртуваат овците.
Доколку овците не бидат убиени, пак, Бугарија ризикува забрана за транзит на живи животни низ земјата и забрана за трговија со ситни преживари и нивни производи, што би било тежок удар за бугарските сточари. Претседателот на Националното здружение на одгледувачи на овци и кози, Симеон Караколев, истакна дека бугарската агенција за безбедност на храна нема план да се справи со ситуацијата.
Во последните месеци имаше неколку епидемии на овча чума во Грција и во Романија, што е главна причина поради која Бугарија повторно ја воведе дезинфекцијата на сите гранични премини. Р.С.