Фото: „Нова Македонија“

Мегааферата во Грција за злоупотреби на субвенциите во земјоделството добива судска разрешница

  • За потсетување, по откривањето на мегааферата со земјоделските субвенции во Грција, реагираа највисоките институции во Грција, секоја од нив во рамките на своите надлежности. И грчките медиуми жестоко реагираа, при што ги открија и имињата на основано осомничените: Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис. Воридис, кој во тоа време беше министер за миграција и азил, поднесе оставка. И неколку други функционери поднесоа оставки, како што беа заменик-министерот за рурален развој и храна Дионисис Стаменитис и заменик-министерот за дигитално управување Христос Букорос, како и генералниот секретар во Министерството за рурален развој и храна, Јоргос Стратакос

Суд во Грција прогласи 14 обвинети за виновни за нелегално примање земјоделски субвенции од ЕУ во 2020 година преку Грчкиот орган за плаќање за шеми за помош на Заедничката земјоделска политика, познат под акронимот ОПЕКЕПЕ. Прекршочниот суд во Атина изрече затворски казни од 10 до 18 месеци, сите условни од три години.
На еден обвинет, чие име не може да се открие од правни причини, му беше доделено помилување и тој беше осуден на 10 месеци бидејќи изразил „искрено каење“.
Неколку други случаи што се фокусираат на нелегалното примање средства од ЕУ се исто така во тек во Грција. Во октомври, полицијата уапси 37 лица наводно вмешани во таканаречениот скандал ОПЕКЕПЕ, обвинети за лажно добивање земјоделски субвенции од ЕУ со давање лажни изјави за сопственост на земјиште.
Канцеларијата на европскиот јавен обвинител, ЕППО, во март откри дека грчките сточари помеѓу 2019 и 2022 година поднеле лажни изјави до ОПЕКЕПЕ за сопственост на земјиште или фалсификувани договори за закуп на земјиште, кое не го поседувале или не го изнајмиле, што го чинел буџетот на ЕУ 2,9 милиони евра.
До 2024 година, тие продолжиле да поднесуваат лажни изјави за добиток за да добијат пристап до јавни пасишта, кои потоа ги користеле за активирање и одржување на своите права за плаќање, тврди ЕППО.
ЕППО во јуни соопшти дека го информирал грчкиот парламент за наводна вмешаност на двајца неименувани поранешни министри за рурален развој. Грчките медиуми ги идентификуваа како Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис, кои негираа какво било кривично дело. Воридис, кој во тоа време беше министер за миграција и азил, поднесе оставка.
Неколку други функционери поднесоа оставки, како што се заменик-министерот за рурален развој и храна Дионисис Стаменитис и заменик-министерот за дигитално управување Христос Букорос, како и генералниот секретар во Министерството за рурален развој и храна, Јоргос Стратакос. Парламентарна комисија моментално ја испитува улогата на ОПЕКЕПЕ во измамата. Р.С.