Фото: „Нова Македонија“

Грција

Централнодесничарската грчка влада на Нова демократија објави промени во кабинетот по бранот оставки поради откриена „масовна шема за измама на таканаречениот земјоделски буџет на ЕУ“.
Имено, Танос Плеврис, е назначен за нов министер за миграција, кој го наследува Макис Воридис, највисоко рангираниот функционер што поднесе оставка во петокот, откако европскиот обвинител ги обвини грчките министри за мултимилионската измама со земјоделските фондови на ЕУ.

Зошто опозициските партии жестоко го критикуваа назначувањето на Плеврис за нов министер за миграција?

Партијата Нова левица го нарече неговото назначување „порака на омраза, расизам, авторитаризам“. Во соопштението, партијата Нова левица потсети на коментарите на новоназначениот министер Плеврис, кој во минатото говореше отворено во јавноста дека „граничната безбедност не може да постои ако нема жртви и, да бидеме јасни, ако нема смртни случаи“. Медиумите уште веднаш по изјавата го критикуваа Плеврис дека дава „карт бланш“ за да се пука со огнено оружје кон мигрантите…
Во истиот контекст беше и соопштението на партијата СИРИЗА, каде што се тврди дека „изборот на Танос Плеврис, е еден ќор-сокак и застрашувачка линија во целина, за прашањето за бегалците и имиџот на земјата“.

Новиот грчки министер за миграција вели дека „убивањето мигранти на граница е во ред“ (?!)

Како што веќе споменавме погоре, грчката влада (на Нова демократија) објави реконструкција на кабинетот по бранот оставки поради масовна измама насочена кон проневера на буџетот за земјоделство на ЕУ.
Танос Плеврис, пратеник од крајната десница, познат по своите забелешки за Аушвиц и убивањето мигранти, е именуван за нов министер за миграција. Контроверзниот политичар Танос Плеврис, кој претходно беше министер за здравство на Грција, еднаш тврдеше на суд дека повикот за повторно отворање на Аушвиц не е поттикнување омраза и претходно сугерираше дека мигрантите на границата со Турција треба да бидат стрелани. Плеврис, кој се приклучи на коалицијата предводена од партијата Нова демократија од ултрарелигиозна и националистичка политичка група чии поддржувачи честопати ги осудуваа мерките против ковид и вакцините, беше одговорен за работата на Министерството за здравство за време на пандемијата и бегалската криза. Пред четири години, Плеврис беше принуден да се извини за изјавите што ги даде на суд бранејќи го својот татко, кој го негираше холокаустот.
Извинувањето дојде откако еврејската заедница на Грција истакна дека тој еднаш тврдел дека јавната желба на неговиот татко, Константинос Плеврис, за враќање на нацистите и повторно отворање на концентрациониот логор Аушвиц не треба да се смета за говор на омраза или поттикнување омраза според грчкиот закон. Р.С.


Досието на Европското јавно обвинителство (ЕЈО) во врска со криминалот и високата корупција во Грција, поврзана со земјоделскиот буџет на ЕУ

Досието на Европското јавно обвинителство (ЕЈО) конечно стигна до грчкиот парламент минатата недела, а грчките пратеници можат да пристапат до него иако е нелегално да се објави јавно. Досието од 3.000 страници опишува „криминална организација“ составена од државни службеници од OPEKEPE, организацијата задолжена за плаќања од ЕУ, како и поединци и пратеници што ги искористиле средствата од ЕУ со нелегално примање земјоделски субвенции, според службеници што го виделе.
Досието, исто така, опишува како организацијата работела, главно на Крит.
Досието на случајот содржи имиња на 15 пратеници – 13 од владејачката Нова демократија (НД) и по еден од опозициските партии Пасок и СИРИЗА – заедно со регионални службеници и поранешни раководители на агенцијата.
Обвинителите побараа прислушување на телефоните на службеници на грчката државна Агенција за земјоделство (ОПЕКЕПЕ), меѓу другите, а досието на случајот вклучува десетици изненадувачки дрски разговори. Меѓу нив се високи функционери што дискутираат како да се отстранат европските обвинители од истрагата и пратеници што бараат услуги за своите избирачи.
Досието, исто така, ги содржи и сведоштвата на двајца поранешни претседатели на ОПЕКЕПЕ, Григорис Варас и Евангелос Симандракос, кои беа отпуштени од Авгенакис и Воридис поради обид за блокирање на плаќањата во измамнички случаи. Министрите вршеле притисок врз нив да ги извршат плаќањата, се вели во досието.
– Голем број транскрибирани разговори вклучени во досието на случајот покажуваат дејствување на криминални групи што работат со цел нелегално добивање субвенции, како и поткопување и попречување на значителни ревизии што можеле да ја спречат измамата – се вели во белешката за упатување на ЕППО, според службеници што ја прегледале.
– Барањето оставка од поранешниот претседател на ОПЕКЕПЕ, Григорис Варас, се чини дека го запре консолидирањето на релевантните процедури и им даде можност на овие групи непречено да продолжат со овие активности – се додава во документот.
Порано овој месец, Европската комисија ја казни Грција со казна од околу 400 милиони евра за лошо управување со финансирањето на ЕУ за земјоделство и несоодветни контроли.
Според грчките и европските претставници за земјоделство, се очекува да следуваат уште казни. Грчката влада соопшти дека ќе го затвори ОПЕКЕПЕ до следната година, а исплатите на земјоделските производи ќе се вршат преку Независниот орган за јавни приходи. Р.С.


Европското јавно обвинителство (ЕЈО) води десетици случаи во кои постои
шема на злоупотреба, измами и корупција во врска со земјоделски фонд на ЕУ

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) води десетици случаи во кои Грците добиле земјоделски средства од ЕУ за пасишта што не ги поседувале или изнајмиле, или за земјоделска работа што не ја извршиле, со што ги лишиле легитимните земјоделци од средствата што ги заслужувале. Измамата беше предмет на новинарско истражување на реномираниот медиум „Политико“ оваа година.
Обемниот случај беше упатен до грчкиот парламент бидејќи содржеше информации во врска со „вмешаност во кривични дела на двајца поранешни министри што го надгледуваа портфолиото за рурален развој и храна“.
Според грчкиот закон, само националниот парламент има овластување да истражува и да ги гони сегашните или поранешните членови на грчката влада. Ова значи дека, и покрај неговиот широк мандат да истражува злоупотреба на средствата од ЕУ, EPPO нема овластување да ги води ваквите случаи во Грција. Агенцијата го нарече ова прекршување на нејзината основачка регулатива на ЕУ.
Викендов, уште двајца функционери на Нова демократија поднесоа оставки откако нивните имиња се појавија во досието на случајот. Андреас Карасаринис, секретар на земјоделските организации на владејачката партија, и Јанис Троулинос, член на нејзиниот политички комитет, поднесоа оставки. Р.С.