Министрите за европски прашања на членките на ЕУ, на состанок кој сè уште е во тек, донесоа заклучоци во кои се наведува дека „се препорачува Босна и Херцеговина да добие статус на земја кандидат со потврда од Европскиот совет“, јавија сараевски медиуми.
Одлуката на министрите потоа ќе ја потврдат и шефовите на држави и влади на земјите членки на Европската Унија на самитот што ќе се одржи на 15 декември.
Во 2016 година Босна и Херцеговина аплицираше за полноправно членство во Европската унија.
– Во актуелниот геополитички контекст, Советот на ЕУ ја нагласува итноста земјата да напредува на својот пат кон ЕУ, особено преку исполнување на сите 14 клучни приоритети за отворање на пристапните преговори со ЕУ, идентификувани во Мислењето на Европската комисија за барањето на БиХ за членство во ЕУ, усвоено од Советот во 2019 година – пишува меѓу заклучоците во документот во кој имало увид Радио Слободна Европа.
Во октомври, Европската комисија препорача статус на кандидат за полноправно членство во ЕУ за Босна и Херцеговина, со очекување дека ќе бидат исполнети осум конкретни услови:
- приоритетно да усвои измени во постојниот Закон за Висок судски и обвинителски совет;
- да го донесе законот за Високиот судски и обвинителски совет и да го донесе законот за судови на Босна и Херцеговина;
- да донесе закон за спречување судир на интереси;
- да се преземат решителни чекори за зајакнување на превенцијата и борбата против корупцијата и организираниот криминал;
- одлучно да се подобри работата за обезбедување ефикасна координација на сите нивоа на капацитетот за управување со границите, како и обезбедување на функционирање на системот за азил;
- да се обезбеди забрана на тортура, особено преку воспоставување национален превентивен механизам против тортура и малтретирање;
- да се гарантира слободата на изразување и на медиумите и заштита на новинарите, особено преку обезбедување соодветни судски постапки во случаи на закани и насилство врз новинари и медиумски работници;
- да се обезбедат резултати во функционирањето на сите нивоа на механизмот за координација за прашањата на ЕУ, вклучувајќи го и развојот и усвојувањето на националната програма за усвојување на правото на ЕУ.
Босна и Херцеговина во 2016 година поднесе барање за полноправно членство во Европската Унија.