Косово
Косовското претседателство ја посочи благодарноста од американскиот претседател Доналд Трамп, изразена во писмо до косовската претседателка Вјоса Османи, „за нејзината посветеност и пријателство кон САД“. Според соопштението, во писмото е изразена и желба за продлабочување на соработката во наредните години.
Трамп, според косовските власти, во писмото истакнува дека одлуката на Косово да прифати граѓани од други земји ја покажува „силната подготвеност“ на Османи за соработка со САД. Косовската влада во јуни објави дека ќе им понуди привремена заштита на 50 лица од трети земји, како дел од соработката со САД. Стејт департментот на САД потврди дека земјите од Балканот се вклучени во контакти во рамките на пошироката стратегија на САД за депортирање странски државјани без регуларен статус.
Трамп во писмото, како што наведува косовското претседателство, додал и оти „САД и Косово имаат длабока врска, заснована на меѓусебно почитување, споделени демократски вредности и визија за мирна и просперитетна иднина. Османи при посетата на САД во јули истакна дека Косово е силно заинтересирано за нов вид односи со САД, врз основа на економски интереси, издвојувајќи ги енергетиката, одбраната и информатичката технологија како области за соработка. Р.С.