Бугарија

Претставниците на владејачката коалиција во Бугарија излегоа со заедничко соопштение, по состанокот на кој беа разгледувани антикризните мерки што треба да се преземат како поддршка на бугарските граѓани и бизниси во контекст на кризата предизвикана од војната во Украина. Овој антикризен пакет треба да го усвои коалицискиот совет, а неговата примена почнува од 1 јули.
Според она што беше соопштено, во Бугарија нема да се плаќа ДДВ за лебот, а цената ќе остане иста. Покрај ова, како антикризна мерка, се најавува и зголемување на пензиите за 20 отсто, а се предвидени и даночни олеснувања за семејствата со деца и попусти на гориво, вклучувајќи и бензин и дизел.
Антикризниот пакет предвидува и обесштетување поради високите цени на горивата. Сите граѓани до крајот на годината ќе можат да искористат попуст од 25 лева за бензин 95 и дизел, метан и пропан-бутан. Исто така за период од една година ќе се враќа ДДВ за вино и пиво од 20 отсто.
Во однос на парното, ДДВ за парно и топла вода се очекува во рок од една година да биде 9 отсто. Ќе се намали и на 9 отсто и ДДВ за природниот гас за потрошувачите од домаќинствата за период од 1 година. Струјата, природниот гас и метанот се ослободени од акциза.
За поддршка на семејствата со деца во Бугарија, како долгорочна мерка се планира да се зголеми износот на даночни олеснувања за децата од 2.250 евра на 3.000 евра годишно, а ќе се даде можност да се користи на секои три месеци во годината.