Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ денеска изјави дека како врховен командант ќе биде против идејата за обука на украински војници во Хрватска. Тоа, како што рече, би значело војната да се доведе во Хрватска.
– Не ја поддржувам таа идеја затоа што не го поддржувам мешањето на Хрватска во оваа војна повеќе отколку што треба. Ние сме коректни, солидарни сме и тоа е тоа. Повеќе од тоа не. Како врховен командант, нема да го одобрам тоа. Не сум слушнал за предлогот, но однапред кажувам дека тоа не ми се допаѓа. Тоа е носење на војната во Хрватска – рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател ова го изјави по свечената инаугурација на ректорот на Универзитетот во Загреб, Стјепан Лакушиќ.
– Однапред велам, да не влегуваме во тоа, а за се што мислиме да донираме – немам никакво влијание врз тоа. Тоа се материјални средства, тоа го одредува владата. Го поддржувам тоа само ако многу јасно ќе добиеме заменски средства. Не можам да поддржам лишување на крвотокот на хрватската одбрана. Одбраната на Хрватска е на прво место, потоа долго време ништо, потоа НАТО и потоа другите – изјави Милановиќ, пренесе загрепската телевизија Н1.