Бескрупулозни атаки врз претседателот на македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, како поширока стратегија против Македонците во Албанија
- Целокупната македонска јавност го осудува написот насловен „Бугарскиот прстен околу Македонија – Македонците во паника – Бугарија го топи нивното население на два фронта“ на бугарскиот интернет-портал „Буревесник“. Според повеќе соговорници, тоа е класичен пример на медиумска манипулација во насока на дискредитација на личноста и работата на претседателот на македонското друштво Никола Ѓурѓај и обид да се замолчи вистината и да се покрие вистинската асимилаторска политика на Софија кон Македонците во Албанија
Нападите врз Никола Ѓурѓај се дел од поширока стратегија за замолчување на Македонците во Република Албанија. Тоа е обид да се замолчи вистината и да се покрие вистинската асимилаторска политика на Софија кон Македонците во Албанија од страна на бугарските емисари!
И македонското друштво „Илинден“–Тирана се придружува со своја реакција кон реагирањето на повеќе медиуми и граѓани од Македонија по повод пишувањата на бугарскиот интернет-портал „Буревестник“ за претседателот на друштвото, нагласувајќи категорично дека станува збор за лажни информации.
Македонското друштво „Илинден“-Тирана со индигнација ги отфрла клеветите и фабрикувањата на хегемонистичките центри од Бугарија
За потсетување, станува збор за напис насловен „Бугарскиот прстен околу Македонија – Македонците во паника – Бугарија го топи нивното население на два фронта“, за кој „Илинден“–Тирана“ вели дека „претставува класичен пример на медиумска манипулација во насока на дискредитација на личноста и работата на г. Никола Ѓурѓај, а не во функција на информирање. Секој што малку се разбира од ваквите текстови ќе добие одлична можност да се забавува со хумор напишан во некоја бугарска канцеларија“.
Како заштитник на македонскиот национален идентитет во Република Албанија, македонското друштво „Илинден“-Тирана истакнува дека ќе ги информира сите релевантни институции и истовремено ги повикува институциите во Албанија да преземат конкретни мерки за заштита на албанските државјани со македонско потекло. Оттаму изразуваат особена загриженост што ваквите содржини доаѓаат од медиуми во земја членка на Европската Унија.
– Имајќи ја предвид целта на ЕУ за неширење лажни информации, цениме дека вакви портали не би можеле да се регистрираат, а камоли да опстојуваат во земја на ЕУ. Но тоа е Бугарија, каде што сѐ е можно. Очигледна и јасна е антимакедонската мисија на бугарските емисари среде Македонците во Албанија – се наведува во соопштението на македонското друштво.
Од „Илинден“–Тирана апелираат и до меѓународната заедница да побара од својата членка Бугарија почитување на основното човеково право за декларирање како Македонци, како и да престане со ширењето лаги и говор на омраза кон сите што се декларираат како Македонци. Р.С.