Фото: Пиксабеј

Нова енергетска стратегија на Србија

Србија е подготвена да ја поништи 35-годишната забрана за изградба на нуклеарни централи, што означува значителна промена во националната енергетска политика. Владата ја разгледува нуклеарната енергија како опција за намалување на емисиите на јаглерод и зајакнување на енергетската независност.

Србија има потпишан меморандум за разбирање со француската ЕДФ, светскиот лидер во производството на електрична енергија

Потегот доаѓа во време кога земјата се соочува со зголемена побарувачка за енергија поттикната од забрзаната електрификација на економијата. Дебатата за мирно користење на нуклеарната енергија започна во април, кога Владата потпиша меморандум за разбирање со француската ЕДФ, светскиот лидер во производството на електрична енергија, за соработка во развојот на програма за нуклеарна енергија. Францускиот државен ЕДФ моментално работи со дури 56 нуклеарни реактори.
Во јуни, Дубравка Дедовиќ Хандановиќ, српската министерка за рударство и енергетика, потврди дека Владата ги поставува темелите за програма за нуклеарна енергија. Хандановиќ ја истакна важноста од диверзификација на енергетското портфолио на Србија, со цел да се обезбеди стабилно снабдување.
– Иако Србија не беше толку остра кон Русија како Европската Унија, таа се обидува да одржува рамнотежа со Западот – изјави за американскиот РСЕ Стефан Владисављев, програмски директор на фондацијата БФПЕ, белградски аналитички центар, и додаде: „Ова значи оддалечување од Русија за големи стратегиски проекти, но точно каде го води Белград останува да се види“.

Во Србија веќе поставени темелите за програма за нуклеарна енергија

Оваа недела, Владата започна јавна расправа за предложените измени на законите за енергетика во земјата, кои вклучуваат додавање ново поглавје посветено на нуклеарната енергија. Со предложените измени е наведена трифазна програма за мирна примена на нуклеарната технологија, почнувајќи од процената на изводливоста на нуклеарната енергија, потоа развојот на нуклеарната програма и завршувајќи со нејзино спроведување.
Амандманите, исто така, вклучуваат стратегии за развој и употреба на топлинска енергија и водород, како одраз на пошироките напори на Владата за диверзификација на енергетските извори на Србија. Доколку се усвојат овие измени, со нив ќе се укине долгогодишниот Закон за забрана на изградба на нуклеарни централи во Сојузна Република Југославија, кој е во сила од 80-тите години на минатиот век. Б.Р.