Фото: ЕПА

Хрватска

Деновиве Министерството за море, транспорт и инфраструктура на Хрватска соопшти дека новиот систем за наплата на патарините во Хрватска ќе им понуди на корисниците можност за плаќање со помош на уред ЕНЦ или автоматско читање на регистрација преку камера, кој треба да биде функционален по летото 2026 година. Имено, деновиве беше потпишан договор за изработка на нов систем за наплата на патарина во вредност од 80 милиони евра, кој ќе се финансира со средства од НПОО. Договорот го потпишаа претседателот на Управниот одбор на хрватските автопатишта, Борис Хузјан, министерот за море, транспорт и инфраструктура Олег Бутковиќ и претставници на заедницата на понудувачи на словачката компанија „Скај тол“ и на чешката компанија „Толнет“.
Новата наплата на патарините ќе ја опфати целата мрежа на автопатишта во Хрватска, најголемиот дел под раководство на „Хрватски патишта“, но и концесионерите „Бина-Истра“ и „Аутоцеста Загреб-Мацељ“, кои ќе имплементираат единствен систем за наплата низ цела Хрватска.

За издвојување е информацијата до возачите, лиферувана од јавното претпријатие „Хрватски патишта“, дека „откако ќе се имплементира новиот систем, ќе може да се влезе на автопатиштата на два начина: со користење на уредот ЕНЦ како досега или со регистрирање на возилото преку АЛПР, автоматско читање на регистарски таблички со помош на камери. Новиот систем се очекува да овозможи слободен проток на возила во повеќе ленти“. За контрола ќе бидат надлежни 208 наплатни пункта, кои ќе бидат лоцирани на клучките на автопатот. Планот вклучува и 140 патеки за брза регистрација на возила, за корисници што не се регистрирани на еден од можните предвидени начини. Без разлика кој начин на плаќање патарина ќе го изберат корисниците, по автопатиштата ќе има слободен проток без застанување.
Она што се однесува до лесните возила од прва и втора категорија, меѓу кои се и патничките, возачи можат да бидат корисници на уреди ЕНЦ што исто така ќе треба да се приклучат на регистарската табличка на возилото, а нивниот уред ЕНЦ ќе треба да биде прикачен и на ветробранското стакло цело време во текот на возењето по автопат. Исто така, патарината ќе може да се плати со автоматско читање на бројот на регистарската табличка со помош на камера. Новина е што за тешките возила од трета и четврта категорија задолжителен ќе биде уред ЕНЦ, кој ќе треба постојано да се закачува на ветробранското стакло, додека корисниците на лесни возила ќе можат да изберат една од двете опции за плаќање. Оние што ќе одлучат да платат патарина со читање на регистарската табличка ќе мора да се пријават преку веб-порталот или мобилната апликација во продажните канцеларии на HAC или преку продажните партнери (голем број бензински пумпи и станици за технички преглед). Р.С.


Ново богато наоѓалиште на природен гас близу Сисак

Министерството за економија на Хрватска објави дека компанијата „Аспект Хрватска“ (подружница на „Аспект холдингс“, со седиште во Денвер, САД) откри наоѓалиште на гас во истражниот бунар Требарјево-1, десет километри југоисточно од Сисак. Министерството објавува дека компанијата „Аспект Хрватска“ најпрво ја информирала Агенцијата за јаглеводороди за резултатите од истражувањето, по што претседателот на Агенцијата за јаглеводороди Маријан Крпан прецизирал за јавноста дека „со тестирање на бунарот се добиени меѓу 160 и 320 илјади кубни метри гас, што претставува околу 10 отсто од вкупното дневно производство на гас во Хрватска“. За потсетување, Владата на Република Хрватска во 2020 година потпиша договор со американската компанија „Аспект Хрватска“, која е подружница на „Аспект холдингс“, со седиште во Денвер, за истражување и споделување експлоатација на јаглеводороди за истражувачката област САВА-06.


Од 1 јануари ќе се наплаќаат лесните пластични ќеси што сè уште се достапни во продавниците во Хрватска

Од 1 јануари Хрватска ќе почне да ги наплаќа многу лесните пластични ќеси, потенки од 15 микрони, кои сè уште се достапни во продавниците во секторите за овошје и зеленчук. За потсетување, од 2022 година во Хрватска целосно се забранија лесните пластични ќеси со дебелина помеѓу 15 и 50 микрони, но не и многу лесните ќеси, кои често се достапни во ролни. Така, во малопродажбата трговците ќе мора јасно да ја истакнат цената, а продажбата нема да биде дозволена на касите. Цената на ќесите ќе ја одредуваат самите трговци. Хрватската влада планира во октомври да донесе нови прописи во оваа област, а тие ќе стапат во сила од 1 јануари. Новина е дека од почетокот на следната година ќе се зголеми и придонесот за повратна ПЕТ-амбалажа, и тоа од седум на 10 центи. Р.С.