Фото: Принтскрин

Ситуацијата во центарот на Белград е мирна, каде веќе четврти ден Дијана Хрка, мајка чиј син загина лани при уривањето на бетонската настрешница во Нови Сад лани, штрајкува со глад пред Народното собрание барајќи ја вистината за смртта на нејзиниот син, како и распишување вонредни парламентарни избори.
Во знак на нејзина поддршка сѐ повеќе луѓе од претпладнево се собираат за да ѝ дадат поддршка.

Еден ден по големиот комеморативен собир одржан на 1 ноември во Нови Сад по повод годишнината од падот на бетонската настрешница на железникчата станица во Нови Сад кога загинаа 16 луѓе, таа одлучи, како што нагласи самата, да почне штрајк со глад .
Хрка нагласи дека ќе оди до крај во својата намера без разлика на околностите.

Учениците од Третата белградска гимназија, денеска изгласаа – 6 и 7 ноември – дводневен бојкот, а наставата во знак на поддршка на Дијана Хрка, и денеска ќе одат пред Собранието на Србија и ќе им оддадат почит на жртвите од трагедијата во Нови Сад со 16-минутен молк.
Учениците од гимназијата „Урош Предиќ“ во Панчево гласаа за физичко блокирање на училиштето, што започнува денеска и ќе трае до 7 ноември во знак на поддршка за Дијана Хрка. Учениците бараат да се исполнат нејзините барања, а ги повикаа сите средношколци и граѓани да ги поддржат во блокадата.
Група студенти од Ниш ќе патуваат во Белград за да ја поддржат мајката на жртвата Стефан Хрка. Тие ќе постават шатори до неа и ќе бидат со неа дење и ноќе, подготвени да ја поддржат во секое време.

Студентите од Нови Сад повикаа на митинг во поддршка на Дијана Хрка денеска во 17 часот.
Дијана Хрка синоќа пред српскиот парламент изјави дека не сака никој да биде повреден, не сака насилство и војна.
– Јас сум ментално посилна отколку што мислат. Јас ќе ги скршам нив, а не тие мене. Никој не мора да ми плаќа мене или на овие луѓе до мене, но тие мораат. Ние сме тука од љубов. Мојот народ е со мене – изјави Хрка за ТВ Н1.

Во исто време, според српски медиуми денеска кон Белград се движат автобуси со поддржувачи на властите кои ќе одат кон шаторската населба спроти влезот на Парламентот (колоквијално наречена Ќациленд) каде од март се студенти кои се против блокади и поддржувачи на власта во Србија. Српскиот претседател рече дека не знае за каков собир се организира, освен дека се подготвува голем собир на 11, 15 или 16 ноември на поддржувачите на властите.

На Хрка не ѝ беше дозволено да биде со шаторот пред Собранието, таа е пред металната ограда до Парламентот зад која се полициски сили кои го обезбедуваат Собранието и не реагираат кон поставените бели шатори на подржувачите на властите, кои пак тврдат дека се тука за да „спречат антивладините демонстранти со сила да го окупираат собранието“.

Антивладините демонстрации ги почнаа студентите во блокада и траат по трагедијата во Нови Сад на 1 ноември 2024 година. Студентите бараат утврдување на кривична одговорност како и распишување вонредни парламентарни избори.
Властите, а пред сè претседателот Александар Вучиќ, тврдат дека во прашање е „обоена револуција“,неколкупати повторија дека ја совладале, но и дека нема да дозволат насилни промени, ниту се согласуваат на предвремени избори.

Немири имаше пред српскиот Парламент на 2 ноември кога Хрка почна со штрајк со глад – анивладините демонстранти, кои дојдоа да ја поддржат Хрка, се судрија со поддржувачите на владата и полицијата.
Полицијата во текот на ноќта кон 3 ноември приведе 37 луѓе.

Следниот ден српскиот претседател објави во интервју за белградски медиум дека „властите во Белград се во потрага по двајца снајперисти за кои знаат дека се во градот, но не можеме да ги најдеме три денови“.

Пред зградата на српскиот парламент штрајк со глад почна – еден ден пред Хрка – и парламентарецот од владејачката СНС, тврдејќи дека и тој бара правда за оние што загинаа при падот на бетонската настрешница и дека е незадоволен од работата на обвинителството во врска со тој случај.
Вучиќ вчера ги повика Хрка и Мрдиќ да го прекинат штрајкот со глад.

На 1 ноември, во Нови Сад се одржа голем комеморативен собир на покана на студентите.
Во текот на денот, на собирот, на кој, според проценките на неформалната организација „Архив на јавни собири“, присуствувале околу 110.000 луѓе, не е регистриран ниту еден инцидент. Според полицијата, на собирот имало 39.000 луѓе.