Од првиот ден на 2024 година претприемачите ќе плаќаат во просек по 15 центи за киловат-час испорачана електрична енергија и 4,9 центи за киловат-час за набавка на гас
Хрватска
Претприемачите што ги користат услугите за гарантирано снабдување со гас и електрична енергија од 1 јануари следната година ќе плаќаат поскап гас за 9,4 отсто и поевтина струја за 5,7 отсто во однос на сегашните цени. Така одлучи Хрватската регулаторна агенција за енергетика (ХЕРА). Станува збор за услуга што Електростопанството на Хрватска (ХЕП) е должно да им ја обезбеди на компаниите чии доставувачи на гас и електрична енергија во јавниот сервис наишле на деловни тешкотии или ги раскинале договорите со своите корисници поради некоја друга причина.
Минатата година, на пример, „ХЕП електра“ како загарантирана услуга им испорача струја на 83.000 компании. Кога станува збор за гасот, поради финансискиот колапс дел од снабдувачот со гас „ХЕП плин“ мораше да прими околу 20 илјади нови корисници.
За потсетување, Владата ги „замрзна“ цените на струјата и на гасот за домаќинствата и фирмите во јавниот сервис во енергетски пакети за помош на граѓаните и стопанството, од кои последниот беше усвоен во септември годинава.
Според истиот извор, малите бизниси ја плаќаат струјата по цена од шест центи за киловат-час, додека големите, откако исто така беа заштитени во претходните два владини пакети со „зацементирана“ цена од 23 центи за киловат-час, сега се препуштени на слободниот пазар.
Претприемачите во услугата за гарантирана испорака на електрична енергија во моментов плаќаат во просек по 16 центи за киловат-час, а износите варираат според тарифниот модел. Од 1 јануари ќе плаќаат во просек по 15 центи за киловат-час.
Владината помош за компаниите за плаќање гас се одвива со доделување ваучери во износ од два цента по потрошен киловат-час, со услов годишната потрошувачка на претприемачите да биде под десет гигават-часа годишно. Истовремено, Владата со влијанието на формулата со која ХЕРА ја пресметува цената за набавка на гас за гасните компании што работат во јавниот сервис практично ја „замрзна“ набавката на гас по 41 евро за мегават-час.
Во секој случај, „ХЕП плин“ во моментов во гарантираното снабдување, во цената за испорака на гас што им се наплатува на претприемачите, мора да ја пресмета набавката на гас по цена од 4,5 центи за киловат-час, а од 1 јануари ја зголемува таа ставка до 4,9 центи за киловат-час.
ХЕРА ги пресметува цените на електричната енергија во гарантираната услуга врз основа на формула во која клучен елемент е движењето на цените на Унгарската берза за електрична енергија (ХУДЕКС) во претходниот период. Во ноември, на пример, просечната „базна“ цена во тргувањето на ХУДЕКС е забележана од 115 евра за мегават-час.
Цената за набавка на гас во гарантираната услуга ја одредува ХЕРА по анализа на пресметаните цени во форвард-договорите на европските берзи за гас. На средината на ноември, на пример, на австриската берза се тргуваше гас по цена од 46 евра за мегават-час.
Берзанските цени на струјата и гасот се стабилизираа годинава по вртоглавите скокови во 2022 година предизвикани од војната во Украина и зголемената побарувачка поради закрепнувањето на светската економија по кризата со коронавирусот. Според податоците на ХЕП, лани откупните цени на гасот скокнале за 206 отсто, а увезената струја за 219 отсто.
– Во последните десет години просечната цена на гасот беше меѓу пет евра и 35 евра за мегават-час. Во август 2022 година, цените за претходните години достигнаа историски максимум од повеќе од 300 евра за мегават-час, со илјада проценти зголемување во споредба со цените во претходните децении – предупредува извештајот на ХЕП за 2022 година.
Цените на гасот и струјата во гарантираната услуга што стапуваат во сила од 1 јануари ќе важат до 1 април, кога ХЕРА ќе објави нов ценовник. Потоа, да потсетиме, истекува и рокот на важност на мерките за енергетска помош на Владата.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска