Грција

Грција од 13 септември воведува строг сообраќаен закон што се однесува на домашните и на странските возачи, со цел да го спречи ризичното однесување во сообраќајот, особено користењето мобилен телефон додека се вози, што сè почесто води до тешки несреќи.
Досега користењето телефон при возење во Грција се казнуваше со двомесечно одземање на возачката дозвола, но новиот закон воведува и казни до четири илјади евра. Првиот ваков прекршок резултира со казна од 350 евра и одземање на возачката дозвола на еден месец, вториот носи казна од илјада евра и шестмесечна забрана за возење, додека по третиот следува казна од две илјади евра и едногодишна забрана за возење.
Во случај на употребата на телефон што довела до сообраќајна несреќа, казната може да биде до четири илјади евра, заедно со одземање на возачката дозвола на осум години. Доколку несреќата има сериозни последици, законот предвидува и затворски казни – до 10 години за тешка телесна повреда, до 20 години за смртен случај. Доколку се повредени повеќе лица, можна е и доживотна затворска казна. Овој закон важи за сите туристи, без исклучок, што бара македонските граѓани да бидат внимателни при летните патувања во Грција и да избегнуваат користење телефон додека се зад воланот. Р.С.