Фото: Твитер/Албин Курти

Одлуката на косовските власти да го оневозможат гласањето на територијата на Косово на изборите кои на 3 април ги организира Србија, повторно ги зголеми тензиите помеѓу Приштина и Белград, а ниту Квинтата (САД, Франција, Германија, Италија и Обединетото Кралство) не успеа да го одоброволи косовскиот премиер Албин Курти за промена на ставот, пренесуваат регионалните медиуми. За Брисел, одлуката на властите во Приштина е спротивна на посветеноста на Косово на европскиот пат, а за Белград таа претставува терор врз Србите.

Косово го одби предлогот на државите на Квинтата околу решението за гласањето на косовските Срби на изборите во Србија на 3 април, потврди Петер Стано, портпаролот на Еврпската Унија (ЕУ). Тој потврди и дека шефот на еврпската дипломатија Жозеп Борел бил вклучен во контактите помеѓу Белград и Приштина во обидот да се изнајде решение.

– Иако признаваме дека Србија беше подготвена на пронаоѓање на решение, жалиме што консензусот на крајот не е постигнат по одлуката на Косово да го одбие конструктивниот предлог изнесен од Квинтата – истакна Стано на прес-конференција, додавајќи оти ЕУ сега очекува Косово и Србија да се воздржат од постапки и реторика кои би можеле да ги зголемат тензиите.

Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска оцени дека Курти има намера да предизвика нестабилност и проблеми во регионот со одбивање за одржувањето на српските избори на Косово.

– Загрижувачки е што во светот се подготвени, мислејќи дека нешто ќе постигнат со тоа, да ја премолчат, не само неконструктивноста, туку и намерата на Курти да предизвикува нестабилност и проблеми во регионот. Наше е да не упаѓаме, особено не во овој миг, во таа стапица – кажа Вучиќ, тврдејќи дека косовските власти барале од Србија да ја признае независноста на Косово.

Курти, пак, изјави дека според предлогот на Квинтата, Белград требало да побара организирање на изборите преку својата приштинска канцеларија за врска, а не со директен контакт помеѓу Владите.

– Многу јасно им објаснив на државите-членки на Квинтата и на амбасадорот на ЕУ оти Србија покажува деструктивност во многу димензии бидејќи сака да го спроведе ова прашање со размена на писма помеѓу задолжените за врска, што помалку или повеќе досегнува до јуни 2020 година – порача Курти во обраќањето на Радио-телевизијата на Косово.

„Радио Слободна Европа“ пренесе дека прашањето за гласањето на косовските Срби на парламентарните и претседателсите избори во Србија е „затворено“ повикувајќи се на извори од ЕУ. Последните парламентарни избори кои Србија ги организираше во српските средини на Косово се одржаа на 21 јуни 2020 година.