Фото: Пиксабеј

Хрватскиот министер за земјоделство Давид Влајчиќ изјави денеска дека националната безбедност е загрозена поради незаконски активности на свињарски фарми, нагласувајќи дека единствениот начин да се спречи ширењето на африканската чума кај свињите е строго почитување на законот и биобезбедносните правила.

По владината седница, Влајчиќ нагласи дека сите незаразени фарми се под строг надзор. Организаторите на јавни настани во погодените области ќе добијат јасни упатства за заштитни мерки, а најризичните собири може да бидат откажани.

Иако засега нема казнети прекршители, министерот предупреди дека намерното ширење на заразни болести претставува кривично дело.

– Ветеринарните инспекции утврдија бројни прекршоци во едно село, што го покажува размерот на проблемот – рече Влајчиќ.

Тој најави и нов круг државна поддршка за свињарите за подобрување на биобезбедносните стандарди, додавајќи дека не очекува значително зголемување на цените на свинското месо.

Хрватските власти претходно оваа недела соопштија дека околу 12.000 свињи ќе мора да бидат уништени поради појавата на африканска чума во источниот дел на земјата, каде во над 100 од 400 фарми се регистрирани неправилности во спроведувањето на заштитните мерки.