Силна бура со налети на ветер над 100 километри на час ја зафати Словенија, предизвикувајќи значителни штети и оставајќи илјадници домаќинства без електрична енергија.
Според РТВ СЛО, најпогодени биле Приморскиот и Горењскиот регион, каде што невремето соборило дрвја и оштетило покриви. Поради опасните услови, во дел од општините биле затворени училиштата и градинките.
– Силен дожд, првично прогнозиран за ноќта, ги погоди регионите Горишка и Ајдовска со задоцнување наутро. Силни налети на ветер однесоа делови од покривите на две училишта и оштетија стакленици и настрешници на бензински пумпи во Рожна Долина. Камион се преврте и на автопатот помеѓу Ајдовшчина и Вогршко во близина на Село – пренесе РТВ СЛО.
Според Словенечка агенција за животна средина, најсилните налети на ветер достигнале до 103 километри на час.
– Поради силниот ветер, пожарникарите, општинските и патните служби и компаниите за електрична енергија имаа најмногу работа во областите на регионалните информативни центри на Брежице, Целје, Крањ, Љубљана, Марибор, Мурска Собота, Нова Горица, Ново Место, Постојна, Птуј, Словењ Градец и Трбовље. Тие регистрираа 300 настани – објави информативниот центар.
Прекини во снабдувањето со електрична енергија се регистрирани во повеќе региони, вклучително и во Марибор и Љубљана, поради оштетувања на далноводите.
Надлежните служби апелираа граѓаните да останат во затворен простор и да избегнуваат непотребно движење.
Метеоролозите предупредуваат дека силниот ветер ќе продолжи и денеска, со постепено слабеење во текот на утрешниот ден.


































