Агенцијата оценува дека Хрватска е безбедна и стабилна демократија / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Регионот продолжува да се соочува со длабоки политички и безбедносни предизвици, тесно поврзани со нерасчистени меѓудржавни прашања чие решавање останува многу тешко и покрај напорите на ЕУ и САД за стабилизација, се наведува во извештајот. А таквата неизвесност директно влијае и врз евроинтегративниот процес на регионот, според процените на хрватската агенција

Хрватска: Објавен годишниот извештај на хрватската Безбедносно-разузнавачката агенција со исклучително интересни констатации

Безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска во својот годишен извештај што се однесува на безбедносната состојба на Западен Балкан оценува дека „односите помеѓу Косово и Србија остануваат нестабилни и во такви околности ескалацијата на тензиите претставува постојан ризик“.
Натаму, „регионот продолжува да се соочува со длабоки политички и безбедносни предизвици, тесно поврзани со нерасчистени меѓудржавни прашања чие решавање останува многу тешко и покрај напорите на ЕУ и САД за стабилизација, а таквата неизвесност директно влијае и врз евроинтегративниот процес на регионот“, експлицитно се наведува во годишниот извештај на хрватската Безбедносно-разузнавачката агенција.
За Србија, во извештајот се нагласува континуитет на политиката на балансирање помеѓу Западот, Русија и Кина, што ја вклучува и стратегијата за таканаречениот „српски свет“, чија цел е обединување на Србите во соседните земји под политиката на официјален Белград. Се посочува и влијанието на антивладините протести во Србија за создавање сложена состојба со растечка поларизација.
Безбедносно-разузнавачката агенција на Хрватска исто така забележува дека сè уште постои политичка нестабилност во Босна и Херцеговина, поради несогласувања меѓу ентитетите и етничките заедници во врска со Уставот и надворешната политика.
За Црна Гора, пак, се наведува оти продолжува социополитичката поделба помеѓу проевропската опција и српската опција. Исто така, се предупредува дека криминалните организации од Западен Балкан, особено оние од Србија и Црна Гора, се активни во шверцот на кокаин од Јужна Америка во Европа.
Агенцијата оценува дека Хрватска е „безбедна и стабилна демократија во предизвикувачка безбедносна средина“, при што моментално не се соочува со сериозни директни закани за националната безбедност или демократскиот уставен поредок. Р.С.

Ангел Митревски, дописник на „Нова Македонија“ од Сплит, Хрватска