Демонстранти носат транспаренти со ликови на бугарски политичари на кои пишува „мафијашка партија“, на антивладин протест во Софија / Фото: ЕПА

Повод: Сѐ помасовни протестите во Бугарија

  • Платото во центарот на Софија наречено „триаголник на моќта“, плоштад лоциран пред бугарскиот парламент, пред зградата на Министерскиот совет (Владата) и пред претседателската палата, деновиве во неколку наврати беше преполно со граѓани, претежно млади луѓе, незадоволни од политиките на актуелната влада.
    Имено, бугарската влада првично вети дека ќе го повлече предлог-буџетот поради зголемениот притисок на граѓаните, но немирите продолжија, при што се случија „најголеми антикорупциски протести во последната деценија во Бугарија“, создавајќи дополнителен притисок врз власта. Што се случува во Бугарија и колкава е веројатноста таа да излезе од долгогодишната криза и да се трансформира од нефункционална во функционална земја членка на ЕУ?
  • Во врска со длабоката криза во Бугарија, нашите соговорници издвојуваат дека во таква ситуација, кога нема политичка стабилност, а истовремено Бугарија е и во дефицит од секаква друга стабилност, бесмислено е да се бара соговорник во Софија, односно, уште повеќе, да се бара – стабилен соговорник во Софија, со кого би се разговарало, па и преговарало по кое било прашање што се однесува на надворешната политика или односите со соседите на Софија, во услови на сериозна дезориентираност на официјална Софија. Затоа, не треба да се брза, затоа што Бугарија уште долго време ќе се наоѓа во една политичка нокдаун-ситуација, во која, дури и да се разговара или договори нешто, институционалната меморија на Софија ќе биде подложна на амнезија, по што ќе се врати на старите анахрони патеки на хегемонија, велат нашите соговорници, додавајќи дека, сепак, ваквата ситуација ни оди од рака, давајќи ни време за наоѓање „креативни решенија“ со Вашингтон или со Брисел во делот од евроинтегративните предизвици на Македонија, опструирани од Бугарија

Само дваесетина дена пред да ѝ се приклучи Бугарија на еврозоната и да го воведе еврото како единствена валута, таа сѐ повеќе тоне во политичка криза. Контроверзниот буџет, кој беше остро критикуван (дека ги става платите на пратениците пред потребите на обичните граѓани и воведува непотребни зголемувања на даноците), беше капката што ја прелеа чашата во Бугарија и поттикна масивен и масовен граѓански протест.
Платото во центарот на Софија наречено „триаголник на моќта“, плоштад лоциран пред бугарскиот парламент, пред зградата на Министерскиот совет (Владата) и пред претседателската палата, деновиве во неколку наврати беше преполно со граѓани, претежно млади луѓе, незадоволни од политиките на актуелната влада.
Имено, бугарската влада првично вети дека ќе го повлече предлог-буџетот поради зголемениот притисок на граѓаните, но немирите продолжија, при што се случија „најголеми антикорупциски протести во последната деценија во Бугарија“, создавајќи дополнителен притисок врз власта.

Антикорупциските протести имаат потенцијал да срушат уште една бугарска влада!

За аргументирано да се образложи оваа „тврда“ политичка констатација, најпрвин треба да се направи кус осврт на настаните од поблиската историја на Бугарија, некаде петнаесетина години наназад, затоа што токму во тој период „се кријат“ елементите што можат најблиску да се доближат до најпрецизниот одговор на горенаведеното прашање.
Имено, од 2009 година најголемата партија во парламентот е централнодесничарската партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија) предводена од Бојко Борисов, поранешен градоначалник на Софија и личен телохранител на тогашниот претседател на Бугарија, Тодор Живков (кој фактички ја водеше Бугарија од 1954 до 1989 година). Иако Борисов првично настапи со антикорупциска платформа, со текот на времето се открија многу индикатори што покажаа дека и тој самиот е вклучен во голем број корупциски поведенија и афери. Но, факт е дека Борисов ја задржа власта во Бугарија речиси една деценија, и тоа поради недостиг од силна опозиција.
За издвојување е дека паралелно со Бојко Борисов, на бугарската политичка сцена се појави и уште една моќна фигура: Делјан Пеевски, медиумски магнат, олигарх и човек со силни врски со безбедносните служби.
Во јавноста организацијата „Репортери без граници“ го опиша него како „најозлогласен симбол на корупцијата, кој ја засилил спрегата меѓу медиумите, политиката и олигархијата во Бугарија“. Во 2009 година Делјан Пеевски стана пратеник на партијата Движење за права и слободи, која се декларираше дека „ги претставува интересите на муслиманските и етничките малцинства“. Многу е индикативен фактот што токму Делјан Пеевски во 2013 година беше назначен за шеф на бугарската контраразузнавачка служба — потег што предизвика едногодишни масовни протести сè додека тој не поднесе оставка.

Бугарските антимафија -протести

Натаму, по серијата корупциски скандали во 2020 година, Бугарија ја зафати огромен бран на таканаречени „антимафија-протести со барања за оставка на Бојко Борисов“, како и на главниот обвинител, за кого многумина Бугари во анкети на медиумите се изразуваат дека е „заштитник на мафијата“. Во исто време, на антимафија-протестите се бараше и процесирање на Пеевски, кој беше санкциониран во 2021 година од САД по Магнитски (ставен на т.н. црната листа на САД), а две години подоцна и од Велика Британија.
По првите избори во 2021 година, Борисов беше тргнат од власт и беше формирана коалиција од реформски и антикорупциски партии. Но поради растечките цени на гасот, инфлацијата и економската криза предизвикана од војната во Украина, тие партии не успеаја да формираат стабилна влада.
Следуваа нови избори во 2022 година, на кои ГЕРБ и Борисов повторно излегоа како победничка политичка партија, но никој не сакаше да коалицира со нив.
Натаму, во следните избори во 2023 година конечно беше скроена ротирачка влада меѓу двете спротивставени страни, но владата брзо пропадна — реформските партии го обвинија Делјан Пеевски дека ги саботирал преговорите (во меѓувреме тој веќе стана лидер на партијата Движење за права и слободи -ДПС).
По уште два изборни циклуси, во јануари 2025 година ГЕРБ конечно состави влада со бугарските социјалисти и со партијата Има таков народ, плус и фракција од партијата на Пеевски, со што заврши периодот од седум избори во четири години.
Но враќањето на Борисов ја продлабочи разочараноста кај реформскиот блок.

Бугарија со години е на врвот на листата на најкорумпирани држави во ЕУ и на дното на листата по основ на слободата на медиумите

Во 2024 година Бугарија повторно беше рангирана како втора најкорумпирана држава во ЕУ. Исто така, земјата е на дното по слободата на медиуми, заедно со Грција и Кипар.
Во исто време, инфлацијата, ниските плати и хроничната недоверба во институциите предизвикаа масовно иселување на младите Бугари. Иако пред неколку години студентите водеа големи протести, последниве години младите беа отсутни од политичките собири — сè до неодамна.
Кон крајот на минатиот месец (ноември 2025 година) Владата предложи буџет за 2026 година што ги зголемува придонесите за пензиско и социјално осигурување, но истовремено ги покачи платите на државните службеници, како и на полицијата, што предизвика огромно граѓанско незадоволство. И покрај најавите дека буџетот ќе биде повлечен, Владата се премисли, што доведе до уште поголеми протести низ целата земја. Според повеќе анкети во Бугарија, над 70 отсто од граѓаните ги поддржуваат протестите, а околу половина поддржуваат – оставка на Владата.
Граѓаните се загрижени и дека буџетот ќе го зголеми јавниот долг, ќе ја поттикне инфлацијата — токму во момент кога Бугарија се подготвува да го воведе еврото. И само 39 отсто од граѓаните ја поддржуваат евромонетарната интеграција, додека само 15 отсто го поддржуваат планот за влез во јануари в година.
На крајот, за споменување е дека, под силниот граѓански притисок, Владата сепак го повлече буџетот.
Но, далеку дека политичката криза во Бугарија е завршена. Најново е тоа што опозицијата поднесе иницијатива за недоверба, а претседателот на Бугарија ги критикуваше властите за „продлабочување на беззаконието и поделбите“. И претседателот на Бугарија, Румен Радев, повика на нови избори. Аналитичарите се во недоумица дека „една нова рунда на избори навистина ќе донесе промена“?! Сепак, се констатира дека Бугарија е веќе длабоко навлезена во една повеќеслојна криза, а институциите покажуваат тешки симптоми на некоординираност и нефункционалност.
– Во таква ситуација, кога нема политичка стабилност, а истовремено Бугарија е во дефицит од секаква друга стабилност, бесмислено е да се бара соговорник во Софија, односно, уште повеќе, да се бара – стабилен соговорник во Софија, со кого би се разговарало, па и преговарало по кое било прашање што се однесува на надворешната политика или односите со соседите на Софија, во услови на сериозна дезориентираност на официјална Софија. Затоа, не треба да се брза, затоа што Бугарија уште долго време ќе се наоѓа во една политичка нокдаун-ситуација, во која, дури и да се разговара или договори нешто, институционалната меморија на Софија ќе биде подложна на амнезија, по што ќе се врати на старите анахрони патеки на хегемонија – велат нашите соговорници, додавајќи дека, сепак, ваквата ситуација ни оди од рака, давајќи ни време за наоѓање „креативни решенија“ со Вашингтон или со Брисел во делот од евроинтегративните предизвици на Македонија, опструирани од Бугарија. Р.С.


Последни вести: Оставка на бугарската влада

По нецели 12 месеци владеење, во Бугарија падна владата на Росен Жељазков. Имено, бугарскиот премиер вчера поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на владата, објавувајќи го своето повлекување јавно, во телевизиско обраќање, и тоа неколку минути пред парламентот да гласа за предлог за недоверба на владата. Така, во бугарскиот законодавен дом не се случи гласањето за доверба, а тоа требаше да биде шестото такво гласање откако владата на Жељазков ја презеде функцијата на 15 јануари оваа година. Досегашниот бугарски премиер Жељазков поднесе оставка од функцијата претседател на владата по повеќенеделни масовни улични протести. Тие беа организирани затоа што граѓаните не се согласуваа со владините економски политики, како и поради незадоволството од неуспехот владата на Жељазков да се справи со растечката корупција во државата. Р.С.