Албанскиот премиер Еди Рама на заедничката конференција одржана со премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, упатил критика кон неговиот косовски колега Албин Курти, велејќи дека хероите му припаѓаат на минатото и дека денес на регионот му е потребна соработка и економски раст и мир меѓу граѓаните.
– Сè што повикува на неволја и поттикнува конфликт во нашиот регион е проблем за нас и не сме подготвени да бидеме дел од него, туку да се здружиме за да се спротивставиме на ситуација на неволја. Сакаме мир за луѓето и тие да имаат повеќе работа, а не бајки и приказни за херојство. Хероизмите припаѓаат на минатото, не ни требаат нови херои. Ајде да работиме како да ги зајакнеме нашите економии – рекол Рама и додал „не отидов во Приштина да се женам за Курти. Немам никаков личен или институционален проблем, само спротивни ставови за одредена ситуација“.
Според него „Курти е во друг свет, јас сум со меѓународната заедница“.
Во однос на иницијативата „Отворен Балкан“, одговарајќи на новинарско прашање, изјавил дека таа не е негова приватна компанија која „јас ја отворам или затворам, туку беше заедничка иницијатива“ оценувајќи при тоа дека Берлинскиот процес е многу важен за регионот.
– Историјата покажа дека Црна Гора е вредна членка на НАТО. За нас е многу важно да соработуваме за загриженоста во регионот. Ние сме во друга фаза од нашата историја и генерациите никогаш нема да ни простат ако дозволиме регионот да се врати онаму каде што пропадна поради конфликтите кои предизвикаа крвопролевање и омраза меѓу земјите. Го информирав премиерот за процесот што се обидува да го обедини регионот и Берлинскиот процес каде сакам со единствен став да го искористиме Самитот во Тирана. Во овој процес ја имаме целосната поддршка од Германија – рекол Рама, јави Ора њуз.