По изјаснувањето за прием на Косово во Советот на Европа
Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, изјави дека надворешната политика на Србија сигурно ќе доживее корекции кога станува збор за одредени земји, врз основа на нивното неодамнешно гласање во Комитетот на министри на Советот на Европа (СЕ) за барањето на Косово за прием во Советот на Европа, јави дописникот на МИА од Белград.
-Дали треба да продолжиме да мислиме дека наши големи сојузници се, на пример, Црна Гора, која дури и не се воздржа, туку гласаше за приемот на Косово, или Словачка и Грција, кои не го признаваат Косово, а беа воздржани. Би било убаво да ни објасните ако нешто се менува во нивната политика, изјави Дачиќ за денешен белградски „Курир“.
Како што изјави, „не може некој да гласа против Србија и утре да дојде и да каже дека е наш пријател“.
-И не може некој туѓ територијален интегритет да биде поважен од нашиот. Секој што ја сака Србија за пријател и сојузник ќе мора да го докаже тоа – нагласи Дачиќ.
Претходно Дачиќ на Твитер му се заблагодари на поранешниот шеф на грчката дипломатија во Владата на Алексис Ципрас, Јоргос Катругалос, за неговата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, по повод неговата изјава за ставот на Грција во Советот на Европа за време на гласањето за членството на Косово во таа организација.
Коментирајќи го гласањето на Грција, Катругалос изјави дека „одлуката на владата да се диференцира од другите земји на ЕУ кои не го признаваат Косово, како што се Шпанија, Романија и особено Кипар, кои гласаа против, не придонесува за промовирањето на целта на Грција за мир и стабилност на Балканот“.
Севкупниот резултат од гласањето за прием на Косово во Советот на Европа за српскиот државен врв не беше неочекуван, но одлуките на некои членови донесоа и пријатни и непријатни изненадувања, пишуваат белградските медиуми.
Претседател Александар Вучиќ изјави дека Белград мора да ги „почитува повеќе“ оние што гласале против, како Грузија, а меѓу оние чиј однос го разочарал е и Ерменија, која не гласала.
-Ако некој не го почитува територијалниот интегритет, зошто ние да почитуваме туѓ територијален интегритет, праша Вучиќ за време на неговото обраќање на 24 април.
За приемот на Косово во Советот на Европа гласаа 33 земји, седум беа против, а пет беа воздржани.
Зелено светло за приемот на Косово дадоа, меѓу другите, Црна Гора, Словенија, Македонија, Хрватска и Албанија. Против беа Унгарија, Романија, Кипар, Шпанија, Азербејџан, Грузија и Србија, а воздржани беа Босна и Херцеговина, Грција, Словачка, Молдавија и Украина. Ерменија одлучи да не гласа.