Фото: Пиксабеј

Црна Гора

Итна седница на Советот за безбедност и одбрана на Црна Гора во врска со две убиства во Подгорица побара претседателот на државата Јаков Милатовиќ, оценувајќи дека ситуацијата е сериозна и оти има ескалација на насилството на улиците и конфликти меѓу криминалните кланови.
Вршителот на должноста директор на Полициската управа, Лазар Шќепановиќ, оцени дека безбедносната состојба во Црна Гора се влошила и дека го разбира чувството на вознемиреност кај граѓаните по двете убиства во рок од четири дена.
Тој истакна дека во Црна Гора дејствуваат 11 криминални групи, од кои двете најголеми имаат повеќе од 300 члена, и ја нагласи решителноста на полицијата во борбата против организираниот криминал.
– Морам да ги истакнам лошата казнена политика и доцнењето на пресудите, поради што поединци сè уште се активни во кривични дела. Се надевам дека Агенцијата за национална безбедност и полицијата, преку меѓуинституционална и меѓународна соработка, заедно со третата гранка на власта, ќе дадат соодветен одговор, бидејќи ова е безбедносен ризик за граѓаните на Црна Гора – заклучува Шќепановиќ. Р.С.