Фото: Архива на „Нова Македонија“

Со уставните измени, претседателот ќе има помала улога доколку падне коалициската влада и во тој случај повеќе нема да може да го распушти парламентот. При назначувањето на преодниот премиер, претседателот во иднина ќе може да избира само меѓу претседателот на парламентот и членовите на тесниот круг високи владини функционери

Уставни измени во Бугарија

Мнозинството во бугарскиот парламент, кое го сочинуваат партиите од сегашната проевропска владина коалиција, неделава донесе повеќе законски измени што се однесуваат на промена на Уставот на Бугарија. Поважните уставни измени се однесуваат на прифаќање на уставните амандмани со кои се ограничуваат овластувањата на претседател Румен Радев при назначувањето на премиерот и членовите на преодната влада. Сегашната влада на ПП-ДБ и на ГЕРБ дојде на власт во јуни со ветување за уставни промени што ќе се фокусираат на судството, на ограничување на овластувањата на јавниот обвинител и на политичкото влијание на претседателот.
Понатаму, новина е и укинувањето на данокот на транзит на рускиот гас низ бугарска територија, со што ѝ се одблокира патот на земјата за пристапување во шенген-зоната.

Тесно двотретинско мнозинство за промена на Уставот

Двотретинското мнозинство гласови потребно за усвојување на уставните амандмани беше тесно постигнато со 165 од вкупно 240 гласа. Таканаречената „прозападна“ владејачка коалиција ПП-ДБ (Промените продолжуваат – Демократска Бугарија) и ГЕРБ-СДС (Граѓаните за европски развој на Бугарија – Сојуз на демократски сили), заедно со турската партија ДПС (Движење за права и слободи), го поддржаа нацрт-законот во трето и последно читање, пренесе агенцијата БТА.
За само шест месеци, владејачкото мнозинство во Бугарија подготви и донесе измени на Уставот, за кои се зборуваше со години. Измените предвидуваат бугарските пратеници и министри да можат да имаат и други државјанства. Врховниот судски совет ќе се подели на два дела. Понатаму, не секој избран од претседателот ќе може да биде вршител на должноста премиер. А националното собрание (НА) нема да се распушти кога нема да избере влада.
Во Бугарија кога парламентот нема да успее да создаде влада, задачата му се префрла на претседателот. Тој назначува кабинет со премиер и министри по негова дискреција.
Досега немаше ограничување кои би можеле да бидат луѓето во ваков кабинет, но сега, со уставните измени, премиер нема да може да стане кој било, со што ќе се намали политичкото влијание на претседателот.
Со уставните измени претседателот ќе има помала улога доколку падне коалициската влада и во тој случај повеќе нема да може да го распушти парламентот. При назначувањето на преодниот премиер, претседателот во иднина ќе може да избира само меѓу претседателот на парламентот и членовите на тесниот круг високи владини функционери.
По гласањето, Радев најави дека амандманите ќе ги достави до Уставниот суд, сметајќи дека тие можат да ги поткопаат темелите на демократска и суверена држава. Премиерот Николај Денков, од ПП-ДБ, изјави дека претседателот е заинтересирана страна за ова прашање и затоа не може да биде објективен. Сепак, уставните измени ќе бидат оспорени пред Уставниот суд од партиите што се противат на измените.


Бугарија престанува да увезува руска сурова нафта

Бугарија од 1 март следната година ќе престане да увезува сурова нафта од Русија иако има посебна дозвола од Брисел да продолжи да го прави тоа до 1 октомври, одлучи завчера бугарскиот парламент. Таа одлука ја протурка прозападното владејачко мнозинство и со тоа се става точка на извозот на производи од руска сурова нафта од 1 јануари.
Новите правила главно ќе влијаат на рафинеријата „Лукоил Нефтохим“ во мнозинска руска сопственост, западно од бугарскиот пристаништен град Бургас на Црно Море. Изземањето што Брисел го одобри за увоз на руската нафта досега не ја натера рафинеријата да се префрли на алтернативни доставувачи.
Забраната за увоз на сурова нафта од Русија ќе му оневозможи на „Лукоил“, а со тоа и на Кремљ, дополнителна добивка за финансирање на воените операции во Украина, изјави Дељан Добрев, шефот на одборот за енергетика на бугарскиот парламент.
Руската нафтена компанија соопшти дека ќе ја преиспита својата стратегија во Бугарија поради сменетата деловна атмосфера, вклучувајќи потенцијална продажба на рафинеријата и бензинските пумпи во Бугарија.


Шенген-зона, руски гас, даноци…

Бугарија на 18 декември го укина данокот за транзит на руски гас преку својата територија, откако Унгарија се закани дека ќе стави вето на обидот на Софија да влезе во зоната за слободно патување Шенген. Пратениците во бугарскиот парламент едногласно го поддржаа предлогот за укинување на надоместокот од 20 лева (10 евра) за мегават час (MWh) за рускиот гас што оди од турскиот гасовод до Унгарија и Србија.
Мерката беше одобрена на 13 октомври и имаше цел да го „намали профитот“ на „Газпром“, но се покажа како тешка за спроведување, бидејќи рускиот гасен гигант никогаш не платил ништо за испорака на гас.
Унгарија и Србија, кои сè уште се зависни од руските енергетски извори и сакаат да одржуваат добри односи со Кремљ, оценија дека данокот е „непријателски потег“ што ја загрозува нивната енергетска безбедност.
Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто викендов се закани дека ќе стави вето на обидот на Бугарија да се приклучи на Шенген, доколку Софија продолжи со, како што рече, „казнената“ давачка.
Унгарија е подготвена да го укине ветото веднаш штом ќе се укине данокот, рече Сијарто.
Претходно бугарскиот премиер Николај Денков изјави дека е „важно да се отстрани оваа пречка и да се знае дека со Унгарија не треба да имаме проблеми за Шенген“.
Бугарија и соседната Романија се приклучија на ЕУ во 2007 година, но нивните обиди да се приклучат на зоната за слободно патување наиде на противење од другите членки.
Од преостанатите две земји што се спротивставија на пристапувањето на Бугарија минатата година, Холандија во петокот одлучи дека Софија сега ги исполнува условите, а Австрија, исто така, неодамна го олесни своето противење. Виена го предложи она што го нарекува „воздушен Шенген“, велејќи дека е подготвена да ги ублажи правилата за воздушниот сообраќај за Бугарија и Романија, доколку Брисел ги зајакне надворешните граници на ЕУ.