Србија во неделата гласаше, а додека се чека Републичката изборна комисија да ги соопшти конечните официјални податоци, претседателот Александар Вучиќ прогласи победа на парламентарните, покраинските, локалните и изборите на Белград
Предвремени парламентарни и локални избори во Србија
Србија во неделата гласаше, а додека се чека Републичката изборна комисија да ги соопшти конечните официјални податоци, претседателот Александар Вучиќ прогласи победа на парламентарните, покраинските, локалните и изборите на Белград. Истовремено, опозицијата соопшти дека не ги признава резултатите што ги соопшти Вучиќ, дека е направено невидено изборно насилство и дека ќе бара решение по демократски пат, преку РИК, не исклучувајќи и протести.
Вчера Републичката изборната комисија ја потврди победата на Српската напредна партија на предвремените парламентарни избори, со 46,84 отсто гласа (1.667.801), а опозициската проевропска коалиција „Србија против насилството“ освои 23,38 отсто. Изборниот праг од три проценти го поминаа и Социјалистичката партија на Србија (6,59 отсто), национално-конзервативната коалиција „Надеж за Србија“ (5,02), а изненадувањето на годинашните избори беше неодамна формираната политичка групација „Ние – гласот на народот – Бранимир Несторовиќ“ со 4,68 отсто од гласовите. Сите други листи не го поминаа изборниот праг, не сметајќи ги малцинските партии. Така, меѓу другите, надвор од парламентот ќе бидат и Народната партија на Вук Јеремиќ, коалицијата предводена од Социјалдемократската партија на Борис Тадиќ и радикалите (СРС) на Воислав Шешељ.
Од запишаните 6.500.666 гласачи, гласале 58,84 отсто, а околу 2,7 отсто се неважечки ливчиња.
Во врска со изборите, се огласија и невладините организации, кои имаа свои набљудувачки тимови. Според ЦеСИД и ИПСОС, врз основа на 95,3 отсто од обработениот примерок тие ги изработија проекциите: СНС освои најмногу гласови – 46,3 отсто (127 мандати во Собранието, кое има 250 пратеници), листата „Србија против насилството“ – 23,6 отсто (65 пратеници), листата на СПС на Дачиќ 6,6 отсто (18), листата предводена од Бранимир Несторовиќ – 4,8 отсто (13) и коалицијата НАДА-ДСС – 4,9 (13).
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, ги најави првичните прелиминарни резултати за синоќа до 20 часот. Но, според досегашните искуства, ова ќе бидат резултати без пријавите на кршење на изборните правила, кои се веќе најавени, што значи дека со евентуалното прегласување, за конечните резултати да бидат прогласени ќе треба подолг временски период, што беше случај и со изборите пред неполни две години, кога Владата се формираше шест месеци по одржувањето на тие избори.
Инаку, Вучиќ на прес-конференција во неделата вечерта прогласи убедлива победа на сите нивоа на изборите, изјавувајќи дека „ваков добар резултат СНС нема остварено подолг период“, бидејќи ќе бидат во можност и самите, без коалиции, да формираат влада, како и да изберат градоначалник на Белград коалицирајќи со некоја од другите партии, како од листата на Несторовиќ или на СПС на Дачиќ.
Според него, на „најбитните избори за градот Белград“, каде што опозицијата се надева на победа, за градското собрание, кое има 110 одборници, СНС освоила 49 мандати, Србија против насилството 42 мандати, ДСС-Нада има седум мандати, листата предводена од Несторовиќ има шест мандати и Дачиќ со СПС шест мандати.
Од проевропската опозиција Србија против насилството беше соопштено дека оваа коалиција не може да ги прифати изборните резултати и на државно ниво и во градот Белград „онака како што ги соопшти претседателот на Србија, Александар Вучиќ“ и ќе бара од РИК да ѝ се достават „физичките записници од самото место“, обвинувајќи притоа за „невидено изборно насилство“.
– Денеска видовме нешто што не беше практика, луѓето што не живеат во Белград беа донесени да гласаат како да се белграѓани. Собирниот центар беше „Арена соко штарк“ и за тоа имаме информации што ќе ги презентираме. Не можеме да го прифатиме ова како резултат на фер и демократски избори – рече Мирослав Алексиќ, носител на листата „Србија против насилство“.
Според нив, биле евидентирани 450 кршења на избирачките права, масовно гласање, 40.000 новосоздадени лични карти пред изборите на лица што не живеат во Белград.
Како што наведуваат локалните медиуми, најголемо изненадување на овие избори е листата на д-р Бранимир Несторовиќ, која обезбеди 13 пратенички места во новиот собраниски состав. Од друга страна, најголемо разочарување е СПС на Ивица Дачиќ, кој по дебаклот, на прес-конференција во партискиот штаб изјави дека „е време некој друг да ја предводи оваа партија“.
Подготвил: Митко Јовановски