Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по седницата на Бирото за координација на безбедносните служби истакна дека безбедносната состојба на Косово е се потешка поради неодговорното однесување на Приштина, или како пто кажа, „главниот генератор на сите кризи во јужната српска покраина“.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на посебна прес-конференција рече дека косовскиот премиер Албин Курти се обидува да најде простор да не се формира ЗСО и затоа му требаат кризи – јави дописникот на МИА од Белград.
Дачиќ ја повика меѓународната заедница да го запре премиерот Албин Курти и нагласи дека се повторува истата приказна и дека Приштина продолжува да ги уништува сите договори што беа постигнати, како оној за регистерските таблички, генерирајќи нови кризи и дестабилирајќи ја ситуацијата на Косово, а со тоа и во регионот.
-Ова е вистински показател за нивната јасна намера дека не сакаат мир и дека се обидуваат да ги избегнат обврските што ги презедоа меѓу другото и во Охрид. А првата обврска е формирањето на Заедница на српски општини (ЗСО). Во овој поглед, ова е уште еден показател за меѓународната заедница која мора сериозно да ги сфати нашите предупредувања и дека со апсењето и прогонот на Србите, кршејќи ги загарантираните права и слободи, тие создаваат нови кризи за да спречат нови договори кои би биле чекор понатаму во нормализирање на ситуацијата – рече Дачиќ.
Тој посочи дека ова се случува пред продолжувањето на дијалогот на 4 април во Брисел.
-Јасно е дека на повидок е старата ситуација и нова криза генерирана од Приштина. Ќе направиме се, како и досега, да го заштитиме мирот, да бидеме конструктивни, но постојаните провокации на Приштина создаваат атмосфера за се што се разговараше. Ова е всушност обид за бегство од формирањето на ЗСО – рече Дачиќ.
Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, изјави дека властите во Приштина продолжуваат да ги малтретираат Србите. Тој изјави дека апсењето на Србите во Зубина Поток е „обид на Курти уште еднаш да предизвика хаос во четири општини на северот на Косово“.
-Според веќе утврдениот рецепт, како се однесува Приштина пред секое продолжение на дијалогот, имаме проблеми на терен. Курти не сака мир, Курти не сака дијалог и формирање на ЗСО – рече Петковиќ и додаде дека кризата повторно е на повидок во однос на табличките, што е трет пат да влегуваме во криза поради регистарските таблички.
Тој нагласи дека насилството и инцидентите се изразени особено во четири општини низ Косово, потсетувајќи на сите напади и апсења на Србите на северот, како и на последното апсење на Милован Божовиќ. Тој рече дека од доаѓањето на Курти на власт имало 309 инциденти.
На седницата на Бирото присуствуваа директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин, директорот на Воено-безбедносната агенција генерал-мајор Ѓуро Јованиќ, заменик-директорот на Воената агенција за разузнавање полковник Дејан Пајиќ, министерот за одбрана Милош Вучевиќ, министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ, како и директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ и директорот на Канцеларијата на Советот за национална безбедност и заштита на тајните информации Горан Матиќ.