Највисоката температура во Грција денеска достигна 45,8 степени Целзиусови измерени во Скала во општина Месиниа на Пелопонез, а околу 85 отсто од вкупното население на земјата искуси максимални температури над 39 степени Целзиусови, според податоците на Националната опсерваторија во Атина и порталот Метео, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на денешниот ден температурата во многу делови од земјата надмина 42 степени, а највисоките температури биле регистрирани во Епир, Тесалија, западна и северна Грција, Пелопонез и јужниот дел на Крит.
Просечната максимална температура денеска во Грција беше највисока во последните денови, достигнувајќи 37,6 степени, а 359 од 554 активни метеоролошки станици регистрирале температури од над 37 степени, 165 станици регистрирале над 40 степени, а термометарот покажал над 42 степени во 34 станици.
– Она што е карактеристично за денешниот ден е тоа што многу голема географска површина на земјата беше зафатена од екстремно високи температури. Се проценува дека околу 85 отсто од вкупното население на земјата искуси максимални температури над 39 степени- пишува Метео и појаснува дека демографските податоци се однесуваат на постојаните жители на секој регион, додека привремените промени во населението (на пример, поради летни одмори) не се земени предвид.
Во областа Атика, поширокиот регион на Атина, температурата беше над 40 степени.
Новиот топлотен бран што од понеделникот ја зафати Грција, според најавите и прогнозите се очекува да трае до недела.