Опозициската партија СИРИЗА упати критики кон грчката влада
Грција ќе го промени курсот само со голема прогресивна промена, со прогресивна изборна соработка, со голема и силна мобилизација, за што предуслов е организирана и силна СИРИЗА, истакна претседателот на пратеничката група на грчката опозициска партија, Никос Папас, на прес-конференција во рамките на Меѓународниот саем во Солун.
Папас упати критики до Владата на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за низа теми, одговарајќи потврдно дека СИРИЗА има амбиции повторно да дојде на власт. Тој објасни дека партијата се стреми кон градење конкурентни сојузи наспроти владејачката Нова демократија и додаде дека има презентирано програма за иницијативите што ќе ги преземе.
Лидерот на водечката опозициска партија во Грција традиционално одржува говор непосредно пред затворањето на конференцијата на која се обраќа и премиерот на државата. Годинава, СИРИЗА е претставена од страна на претседателот на пратеничката група, откако беше изгласана недоверба за лидерот на партијата, Стефанос Каселакис. СИРИЗА треба да избере нов лидер во ноември. Р.С.