Бугарската техничка Влада денеска положи заклетва пред претседателот на државата Румен Радев, која треба да служи на државата до одржување на предвремени парламентарни избори и назначување редовна влада.
– Пред шест месеци ја презедовте одговорноста за државата во тешко време, прогнозите предвидуваа многу негативни сценарија за економијата, рече Румен Радев на официјалната церемонија на која ги презентираше задачите и приоритетите на преодната влада.
– Успеавте да го запрете „слободниот пад“ на државата – им се обрати Радев на владините министри.
Преодната влада стапува на должност денеска со указ издаден од шефот на државата на 2 февруари, пренесува БТА.
Радев истакна дека главна задача на Владата е подготовка на фер и транспарентни избори. Но, тоа се искомплицира поради измените во Изборниот законик.
– Верувам дека ќе направите се за да не се искриви гласот на бугарските граѓани – рече шефот на државата.
Преодната Влада ќе ја предводи Галаб Донев.
– До вчера бевме 100-та влада на Бугарија, од денеска сме 101-та и причината за ова е само една – 48-то Народно собрание не успеа да избере редовна влада поддржана од стабилно парламентарно мнозинство – истакна Донев.
Бугарскиот претседател вчера издаде указ за именување на преодна влада од 3 февруари, предводена од премиерот Галаб Донев. Единствена промена во составот е министерот за култура – Најден Тодоров ја презема функцијата од проф. Велислав Минеков.