„Русија е држава која не се плаши од ништо“, пишуваше на маицата на еден од протераните руски претставници, меѓу кои имаше дипломати, членови на нивните семејства и персонал, што денеска ја напуштија Бугарија со два руски владини авиони од софискиот аеродром. Вкупниот број на патници што ја напуштија државата е над 180, според бугарските медиуми.
Бугарија минатиот четврток прогласи 70 руски дипломати за непожелни (меѓу нив има и технички персонал), во најголемото протерување од овој вид, откако Обединетото Кралство протера 105 совјетски дипломати за време на Студената војна во 1971 година. Ваквата одлука ја соопшти премиерот во заминување Кирил Петков.
– Секој што работи за странски интереси ќе биде повикан да се врати во државата од која што доаѓа – порача Петков, честитајќи им на бугарските тајни служби за добро завршената работа.
Бугарската тајна служба наводно има податоци оти Русија им плаќа околу две илјади евра месечно на јавни личности, новинари и политичари за ширење на нејзината пропаганда во Бугарија, како што изјави шефицата на кабинетот на Петков, Лена Бориславова за радио „Дарик“.
Бугарското обвинителство во март минатата година спроведе акција против наводна шпионска мрежа за која се тврди дека одавала тајни на руската Амбасада во Софија. Бугарскиот јавен обвинител Иван Гешев тогаш соопшти дека биле откриени важни тајни кои имаат влијание врз безбедноста на Бугарија, НАТО и на ЕУ. Бугарските власти спомнаа протекување на информации во врска со модификациите на американските воени авиони „Ф-16“, кои Бугарија ги купи од САД минатата година.
Еден водечките претставници на руската амбасада во Софија што ја напушти државата, Филип Воскресенски, истакна дека ниту еден од Русите кои биле протерани „нелегално и арогантно“ не работел против Бугарија. Тој нагласи и дека никој не може да ги расипа руско-бугарските односи, во изјава дадена на софискиот аеродром.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова кажа дека Бугарија ја свела на „минимум, дури и на нула“ можноста за функционирање на руската Амбасада во Софија“.
Претходно рускиот заменик-министер за надворешни работи, Александар Грушко предупреди оти Москва треба да одлучи дали да го задржи или затвори дипломатското присуство во Бугарија.
Постојат поделби и на бугарската политичка сцена во однос на одлуката за протерување на руските дипломати. Поранешниот бугарски министер за одбрана Тодор Тагарев смета дека одлуката „со децении ќе биде тежок удар за Бугарија“.