Поради непочитување на роковите за поставување радар со долг дострел на планината Бјеласица, Црна Гора би можела да загуби донација од НАТО вредна десетици милиони евра
Две години по приклучувањето на Црна Гора во НАТО во 2017 година, Канцеларијата за инвестиции на Алијансата одобри распределба на радарски систем на Црна Гора. Иако требаше да се постави во 2021 година, сега во статусниот документ во Министерството за одбрана стои дека септември 2025 година е краен рок за инсталација. Последиците доколку не се испочитува овој рок се утврдени во документот на Министерството за одбрана, што го подготви владата на премиерот Милојко Спајиќ кога тој ја презеде функцијата на 31 октомври.
– Постои реална можност Црна Гора да остане без радар и трајно да се изгубат финансиските средства што досега се инвестирани – се наведува во документот, пренесуваат медиумите од Подгорица.
Радарот ХР-3000 треба да биде инсталиран на северот на Црна Гора, на планината Бјеласица, помеѓу градовите Колашин и Беране. Поточно на врвот Зекова Глава, кој се наоѓа на височина од 2.117 метри.
Во текот на летото во 2019 година, Министерството за одбрана објави дека „во следните две години“ ќе биде инсталиран радар што е од „национално значење за одбранбениот систем на Црна Гора“.
– Ова е најповолното среднорочно решение за следење на црногорскиот воздушен простор, со што дополнително ќе се подобрат суверенитетот и безбедноста на воздушниот сообраќај во нашата земја – се наведува во соопштението од 2019 година.
Главниот проблем се однесува на планираната локација бидејќи телевизијата и другите репетитори треба да се преместат од Зекова Глава. За да се постави радар на врвот Зекова Глава во Бјеласица, потребно е да се поместат репетиторите на Радиодифузниот центар (РДЦ) неопходни за емитување на телевизискиот сигнал во Црна Гора. Преместувањето на репетиторот на соседниот врв Троглав, кој е оддалечен околу еден километар воздушна линија, е една од причините за пролонгирање на поставувањето на радарот.
Во ревизорскиот извештај на РДЦ за минатата година стои дека спроведувањето на иселувањето не ни започнало поради административни проблеми поврзани со добивање урбанистички и технички услови за локацијата на Троглав.
Од Министерството за одбрана за РСЕ објаснуваат дека Троглав се наоѓа во зоната на Националниот парк Бјеласица, каде што условите за градба се построги.
За да се реши проблемот беше формирана работна група во март 2023 година.
Дека не се работи многу по ова прашање, односно дека средствата наменети за овој проект се пренасочуваат за други цели се гледа од неколку владини одлуки. Така, на пример, според документот на Управата за капитални проекти од јуни годинава, два милиони евра од буџетот планиран за поставување на радарот во Бјеласица биле пренасочени за други проекти.
Од Дирекцијата за капитални проекти за медиумите велат дека ваквата одлука е резултат на тоа што „не е доставена ниту една документација поврзана со реализацијата на споменатиот проект“. Без радарот, Црна Гора не би можела да се интегрира во системот за воздушно набљудување на НАТО, ниту пак ќе може да обезбеди поддршка за нивната мисија на Косово (КФОР), се предупредува во документот на Министерството за одбрана.