„Кој сее, жнее“ – е изразот за оној што ја сее земјата, со цел да го жнее приносот по некое време. Но многу јавни функционери и службеници во Косово жнеат без да сеат, инволвирани во широка и голема мрежа на корупција и измама
По налог на Специјалното обвинителство на Република Косово (СОРК), на 3 декември 2021 година, полицијата презеде опсежна акција за апсење на 31 лице, меѓу кои 12 функционери на различни позиции во општинските и подрачните канцеларии на Агенцијата за развој на земјоделството. Акцијата беше проширена во Пеќ, Исток, Урошевац, Липљан, Приштина, Клокот, Вучитрн и Подуево. Уапсените лица се осомничени за кривичните дела – „земање поткуп“, „злоупотреба на службена положба или овластување“, „давање поткуп“, „измама со субвенции“ и „фалсификување исправи/документи“.
За функционерите 70 отсто, за земјоделците 30 отсто
Овие лица не беа единствените приведени. Операцијата со кодно име „Субвенција“ започна во февруари 2021 година, по што 12 службеници завршија со лисици на рацете, а акцијата продолжи во месец јуни кога беа приведени уште 21 лице. При претресите во домовите на осомничените лица биле пронајдени околу 400 илјади евра. Запленети се и автомобили, компјутери и телефони. За тоа како голем број функционери барале и добивале пари од земјоделците за доделување субвенции сведочат и прислушуваните телефонски разговори, кои довеле до обелоденување на целата коруптивна мрежа.
Инспекторите претходно се договараа со земјоделците околу распределбата на вредноста на субвенцијата, која во некои случаи достигнувала и до 70 отсто за службениците/функционерите, а 30 отсто за земјоделците. Измамата отишла толку далеку, што биле составени дури и лажни извештаи. Ова го илустрира случајот во градот Исток, каде што во документите е опишано како се засадени пченица и пченка на голема рамна површина, а всушност земјата се наоѓала во шума. Вештачкото зголемување на засадени површини, зголемување на бројот на добиток или бројот на пчели – се дел од методите што, наводно, ги користеле инспекторите на министерството за да земаат мито.
Судење за злоупотреба на четири милиони
Секторот земјоделство продолжува да биде едно од најголемите жаришта на корупција во Косово. Во тек е уште еден судски процес, каде што на обвинителна клупа се поранешниот министер за земјоделство и неговите соработници. Во случајот познат како „Грантови“, првиот човек на министерството, Ненад Рикало, и други лица се обвинети дека во текот на 2018 година незаконски дејствувале при доделување грантови. Нанесената штета врз буџетот на Република Косово изнесува четири милиони евра. Според обвинението, министерот ги пречекорил своите надлежности со изготвување „специјална програма“ за доделување грантови, без да има посебен буџет и заобиколувајќи ги законските процедури. Поставената шема им овозможи на различни компании незаконски да профитираат големи износи во име на руралниот развој.
Акциите и апсењата лица вмешани во коруптивни зделки со субвенции никогаш не изостаналe. Но судските процеси за овие дела се вистински предизвик. Освен одолжување на судските постапки, проблематично е и неизрекувањето или изрекувањето ниски и благи казни. Неправилностите во распределбата на субвенциите и грантовите низ годините се потврдени и од Националната канцеларија за ревизија (НКР), која ги истражува финансиските извештаи на институциите. Но како и обично, по овие извештаи не постапуваат понатаму органите на прогонот.
Во последниот извештај (2020 година) беше констатирано лошо управување со авансите за инвестиции во руралната инфраструктура, а исто така беа утврдени и случаи на неисполнување на предвидените критериуми од страна на корисниците на субвенциите.
Ревизорот не бил во можност да ги изврши редовните ревизорски постапки за 12 трансакции во вредност од 497 илјади и 577 евра, реализирани од ставката субвенции и трансфери, затоа што гореспоменатите трансакции биле под истрага од судските органи и ревизорот избегнувал да постапи во овие случаи.
За лошото менаџирање со средствата наменети за земјоделците говори и фактот што вредноста на ненамирените обврски кон земјоделците на крајот на 2020 година изнесуваше над 40 милиони евра. Порастот на износот на име обврски е резултат на недостигот од финансиски средства и лошото управување, односно злоупотребите на субвенциите. Но министерот за земјоделство Фатон Пеци, при давањето отчет пред собраниската комисија во декември минатата година, изјави дека долгот е намирен.
„Во овој период успеавме да вратиме 40 милиони евра наследени финансиски обврски и дополнително овозможивме имплементација на Програмата за директни плаќања – Субвенции 2021 година во вредност од 28 милиони евра. Веќе во рамките на реализацијата на оваа програма започнаа и исплатите на субвенциите за земјоделците и досега се испечатени околу 19.000 платни решенија. Преку овие политики, за првпат успеавме да ја започнеме годината без долгови и финансиски обврски“, рече министерот.
Но Владата во септември минатата година се соочи со протести од земјоделците, кои се спротивставија на заострувањето на критериумите за добивање субвенции. Извршната власт ги оправда постапките со тоа што е постапено само по забелешките и недостатоците констатирани во извештајот на Националната канцеларија за ревизија. Исто така, при нивното изготвување беа земени предвид и околностите настанати по злоупотребите што се случија во Агенцијата за развој на земјоделството.
Потфрлување во борбата против корупција
Големиот број институции директно или индиректно вклучени во борбата против корупцијата не ги даде очекуваните резултати, што често го отежнува утврдувањето на факторите што водат до еден таков неуспех на системот. Во некои случаи постои недостиг од интеграција и координација меѓу нив, надлежностите не се јасни или се контрадикторни.
Поради овие причини, борбата против корупцијата и организираниот криминал во Косово продолжува да биде една од најкритикуваните области од меѓународните и од домашните институции. Според последниот извештај на Европската комисија, Косово е рангирано меѓу земјите што се во рана фаза на борба против оваа појава.
„Постигнат е ограничен напредок во однос на судството и обвинителството, вклучувајќи ги и функционирањето на судството, истрагата и гонењето на организираниот криминал на високо ниво. Потребни се континуирани напори, со цел попроактивни истраги, правосилни судски одлуки и конфискација на имот“, се вели во истоимениот извештај.
Недостигот од резултати во борбата против корупцијата доведе до ослабнување на довербата во косовските институции. Имајќи го предвид ова, Владата во соработка со Судскиот и Обвинителскиот совет и другите институции од овој сектор, но и со граѓанското општество и меѓународните донатори, пред неколку години го започна процесот на функционална ревизија на владеењето на правото, во чии рамки ја усвои и Стратегијата за владеење на правото 2021-2026 година. Системот треба да се зајакне преку ветинг-процес, кој ќе го оценува интегритетот на судиите и обвинителите. На оваа иницијатива силно се спротивставува самиот правосуден сектор, а поддршка не наиде ниту во Европската Унија. ЕУ изрази загриженост за тенденцијата сите обвинители и судии да бидат повторно оценувани, потсетувајќи дека сегашното законско решение дава доволна основа за филтрирање на системот.
Најнеразвиениот сектор
Без развој на земјоделството не може да очекуваме дека ќе имаме напредна економија што би влијаела на растот на благосостојбата и вработеноста. Поради злоупотребите, земјоделството и понатаму останува да биде најнеразвиениот сектор. Како резултат на тоа, Косово не успева да достигнува приноси дури и за потребите на внатрешниот пазар. Неопходни се длабоки реформи преку елиминирање на досегашното лошо управување и поголеми напори за зајакнување на транспарентноста и отчетноста.
Вклучувањето на некои земјоделци во коруптивни мрежи им наштети на оние што одбиваат да станат дел од нив и да даваат мито. Ваквите постапки ги поттикнуваат земјоделците да не ги пријават злоупотребите од страв дека поради одмазда нема да им се додели финансиска поддршка во иднина. Оттука, поттикнувањето на земјоделците да ги пријават овие злоупотреби и еден правичен и законски процес на доделување субвенции и грантови би овозможиле поодржлив развој на земјоделскиот сектор во Косово.
Республика
Фитим Гаши, новинар на „Коха груп“, Косово