Министерот за одбрана Иван Анушиќ во петокот изјави дека се работи на три сценарија за должината на воениот рок, кои треба да бидат објавени неделава. Тој додаде дека конечната одлука нема да се спроведе годинава и нагласи дека поентата не е колку ќе трае обуката, туку колку ќе биде ефикасна и ефективна

Хрватска

Прашањето за воведување задолжителен воен рок во Хрватска е една од најактуелните теми во земјата изминатиов период, за која се огласија највисоките раководители. Меѓу последните беше министерот за одбрана Иван Анушиќ, кој во петокот изјави дека се работи на три сценарија за должината на воениот рок, кои треба да бидат објавени неделава. Тој додаде дека конечната одлука нема да се спроведе годинава и нагласи дека поентата не е колку ќе трае обуката, туку колку ќе биде ефикасна и ефективна. По свеченото промовирање на питомците во Хрватската воена академија (ХВУ) во Загреб, вицепремиерот и министер за одбрана Анушиќ потсети дека Хрватска сериозно планира да воведе задолжителен воен рок и дека со началникот и со вработените во вооружените сили ги развиваат предлозите за таа намена.
– Наскоро ќе имаме три предлози што ќе елаборираат три сценарија, односно три можни начини на стажот на воениот рок. Треба да го имаме следната недела. Ќе го поднесам на разгледување до премиерот (Пленковиќ) и претседателот (Милановиќ), а со премиерот ќе ги договорам понатамошните чекори, како, на кој начин и од кога да го извршуваат воениот рок – рече министерот.
Тој додаде дека јавноста ќе биде запознаена со сите детали откако ќе се договори политичката одлука. Засега тој не сакаше да „лицитира“ за должината на воениот рок, но од негова перспектива и искуство доволни се три месеци за учење на воените вештини.
– Неверојатно е што јавноста повеќе ја интересира колку ќе трае отколку содржината на таа обука и не е поентата тоа. Поентата не е колку ќе трае обуката, колку ќе трае воениот рок, туку колку ќе биде ефикасно и ефективно – изјави Анушиќ за новинарите.
Како што објасни министерот, одлуката, каква и да биде, нема да може да се спроведува годинава бидејќи се потребни сериозни инфраструктурни интервенции во системот на капацитети на вооружените сили, односно касарни и сместувачки капацитети.
Тој уште еднаш посочи дека станува збор за голем логистички и финансиски проект.
Сите оние што се регрути ќе мора да одат во војска, а воените вештини треба да ги научат за време на воениот рок.

– Кога ќе го започнете процесот на обука, има нешто што се нарекува ракување, ракување со смртоносни средства – автоматска пушка, снајпер, минофрлач, нешто друго. Потоа има дел поврзан со знаење, воена тактика и примена на воена тактика во одредени ситуации – одбрана, напад, нешто трето. А има и трет, исто така многу важен дел, а тоа е физичката подготовка на таа личност – објасни Анушиќ.
Наедно тој изјави дека три месеци се доволни човек од состојба на целосна физичка неподготвеност и немање навика да спортува целосно да ја промени физичката кондиција.
– За три месеци може да преминете од некој што не може да трча 50 метри до човек што може да направи сериозен марш од 30 километри со опрема, можете да одработите едно трчање од 3.200 метри, што е некакво ниво што секој би требало да го може – изјави министерот за одбрана Анушиќ, кој и самиот беше учесник во Татковинската војна, потсетуваат хрватските медиуми.
Зборувајќи за генерациите што би влегле во процес на воена обука, станува збор за околу 17.000 млади мажи, додека жените ќе можат да волонтираат, но нема да имаат обврска, Анушиќ потсети и на уставната категорија приговор на совеста, која исто така се однесува на воениот рок.
Министерот рече дека секако ќе има отпор кон таа идеја, но дека мора да бидеме свесни дека воениот рок не е само нешто што го подготвува човекот за евентуален иден конфликт.
– Поентата на воениот рок и воената обука не е само да се оди во војна, што се надевам и мислам дека нема да се случи, туку да се социјализираат на специфичен и поинаков начин, за да се сменат некои лоши навики, а други да се прифатат во фаза на растење во најчувствителните години – истакна Анушиќ.
Тој како пример ги наведе станувањето и легнувањето навреме, како и немањето лаптоп или екран „пред себе 24 часа“, и додаде дека тоа искуство ќе им помогне во нивниот понатамошен живот. Тој нагласи дека воената служба или воената обука немаат алтернативи, односно дека цивилната заштита не може да ја замени.
– Во случај на некоја поголема закана, агресија, сите мажи од 18 до одредена возраст се регрути и можат да бидат мобилизирани, без разлика дали имаат воена обука или не – рече Анушиќ, посочувајќи дека можеби е подобро да ја имаат.