Хрватска
Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека ниедна земја нема да ѝ се приклучи на Европската Унија, освен можеби Црна Гора, и дека другите земји се измамени со „лажни ветувања“.
– Никој нема да влезе во Европската Унија, можеби дури ни Црна Гора, а државите се измамени со лажни ветувања дека ќе станат членки на ЕУ за да изнудат некои отстапки. Од другите се очекува да ја потчинат својата надворешна политика на европските интереси, што е пресметка со Москва. Така се прави и со Грузија, која има силен економски раст благодарение на својата географска положба – рече Милановиќ на предавање пред студентите на универзитетот „Север“ во Копривница.
Тој зборуваше и за глобалните предизвици и политичката средина, а пред сè за војната во Украина, за која рече дека е „војна на исцрпување“, а не позициска војна како Првата светска војна.
– Таа војна можеби можеше да се избегне доколку претенциозноста на европскиот начин на размислување не ја прогласеше тезата дека секоја земја има право да одлучи во кој воен сојуз или асоцијација ќе се приклучи, принудувајќи ја Украина драстично да го сврти грбот на соработката со Русија – рече Милановиќ.
Тој додаде дека не е земено предвид како ќе реагира Русија кога западните сили ќе дојдат на нејзината граница.
– Таквата политика можеби довела до војната во Украина – рече Милановиќ.
ЕУ повеќе не е силата за која се смета
Зборувајќи за ЕУ, Милановиќ оцени дека таа повеќе не е силата за која се смета.
– Европа оди во Кина и таму држи предавања за човекови права наместо да зборува за продажбата на европски автомобили, чија продажба е во значителен пад. Главните играчи на светската сцена се САД и Кина. Европа повеќе нема ресурси, не е лидер во иновациите и знаењето – рече Милановиќ.
Тој додава дека од друга страна, ЕУ е исто така успешна затоа што спречила конфликти и територијални амбиции меѓу членовите, без оглед на фактот дека „нешто се разгорува“ овде-онде.
– Земјите живеат релативно хармонично, а што се однесува до Хрватска, таа добиваше пари од ЕУ, но и многу ѝ даде – рече хрватскиот претседател и додаде дека ги разбира загриженостите на земјите што се граничат со Русија и верува дека Хрватска е во добра позиција во овој поглед, што произлегува од фактот дека „нѐ почестила географијата“.
Тој додаде дека Европа не е земја и дека никогаш нема да биде.
– Разликите меѓу Португалија и Финска се неописливи, треба да измислиме посебен јазик за да ги опишеме тие разлики, а тоа никогаш не може да биде нација и никогаш не може да биде една земја и, без разлика колку бирократите го изговараат тоа, нека се опуштат малку затоа што Хрватска е Хрватска, Австрија е Австрија, Унгарија е Унгарија – рече Милановиќ.
Зборувајќи за членот 5 од НАТО, кој е создаден во 1949 година и е воден од принципот „сите за еден, еден за сите“, Милановиќ вели дека клучен дел од текстот е дека „членовите на НАТО ќе реагираат на соодветен начин во зависност од процената, вклучително и со воена сила“.
– Тоа не е апсолутна гаранција, тоа е прашање на добра волја, а Хрватска цело време дејствуваше со добра волја. Нашата армија беше во Полска и Литванија затоа што „се нервозни поради Русите“. Воена акција во корист на трета страна!? Во ситуација кога некој однадвор ве напаѓа, едно е кога семејството е помало, а кога ќе нарасне многу е потешко да се управува со него – рече Милановиќ, додавајќи дека Хрватска ќе дејствува солидарно во рамките на воениот сојуз, но до одредена граница.
Ангел Митревски,специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска