Знаете дека невработеноста во нашата земја денес е пониска од онаа во Шведска, Финска и Шпанија?, вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од видеото објавено на социјалните мрежи во однос на невработеноста во Грција, која во април била 8,3 отсто, односно како што посочи, најниска во последните 17 години, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис истакна дека невработеноста во април е за 2,5 отсто пониска од истиот месец лани.
– Ова е најниската стапка на невработеност во последните 17 години во нашата земја. Невработеноста на младите се намали на 20,4 отсто од 24 проценти. Повторно е висока, но има значително намалување. Кај жените падна на 10,8 отсто од 13,6 проценти пред една година – објасни Мицотакис.
Додаде дека ќе продолжат со владината политика, нагласувајќи дека „ова намалување не се случи само по себе“.
– Беше направено со план, со помалку даноци и главно со повеќе инвестиции, кои создаваат многу нови работни места. Но, исто така и со државата која не претставува пречка за претприемништвото. Невработеноста се намалува. Земјата оди напред. Продолжуваме – рече Мицотакис во видеото на социјалните мрежи.