Фото: Пиксабеј

Црна Гора

Во средината на јули, кога туристичката сезона на црногорскиот брег треба да биде во својот врв, хотелите, апартманите и приватниот сместувачки капацитет се полупразни, а туристичките работници сè повеќе ја изговараат реченицата: „Никогаш не било полошо“.
Ваквата процена се прави не само врз основа на визуелни впечатоци, туку и поради алармантно ниската стапка на пополнетост – која, според експертите, не надминува од 50 до 60 проценти во просек, дури и во најпосетуваните дестинации како Будва.
Ситуацијата е исклучително лоша и во секторот за приватно сместување, каде што сопствениците на станови и соби се отворено незадоволни од развојот на сезоната. Многу од нив не очекуваа толку слаб одзив од гостите во екот на летото, со резервации што не беа ни блиску до бројот колку што предвидуваа прогнозите.
Никола Пејовиќ, претседател на Хотелската асоцијација на Црна Гора, ги истакнува несигурниот воздушен сообраќај, откажувањата на гости од Источна Европа, лошата инфраструктура, но и целосното отсуство на унифицирана стратегија за развој на туризмот, меѓу причините и последиците од годинашната криза. Тој наведува дека минатата година во ова време, речиси сè било полно, и дека ситуацијата се влошува секој ден.
Еден од клучните проблеми, според него, е несигурноста на воздушниот сообраќај, особено од Источна Европа и Азија. Војната во Украина, Појасот Газа и тензиите во Израел, како и стравот од терористички закани, сериозно влијаеја на пристигнувањата на туристите. Откажувањата на летови често значат губење на правото за наплата на договорени аранжмани, што дополнително ги загрозува хотелите финансиски.
– Ако откажат, не можете ништо да им направите. Ако ги притискате со казни, ќе изгубите партнер. А партнерите се клучот за опстанок – објаснува Пејовиќ. Р.С.