Најмалку 96 туристи наводно добиле труење со храна во хотелски ресторан во Будва, според повеќе извори на порталот „Дан“. Станува збор за хотел што неколку пати бил пломбиран поради неисполнување на здравствени и санитарни услови.
Директорката на управата за туристичка инспекција, Ана Вујошевиќ, изјави дека надлежните утврдиле оти хотелот „Лоза“ нема лиценца за работа и поради тоа ќе биде запечатен, со што секоја соба посебно ќе биде пломбирана откако преостанатите гости денеска го напуштат угостителскиот објект.
Затруените туристи се од Полска, Словачка, Италија, Хрватска и Словенија, а речиси сите биле гости во еден ресторан. Сите биле сместени или добиле медицинска помош во болниците во Котор, Бар и Цетиње, пишува црногорскиот портал „Дан“.
Во општина Будва е потврдено дека има труење со храна и дека гостите на ресторан контактирале со медицински установи поради стомачни проблеми. Порталот „Дан“ засега официјална потврда добил само од Општата болница во Котор каде синоќа биле примени голем број туристи со стомачни тегоби.
– Синоќа околу 22 часот примивме 30 лица во болницата во Котор, од кои голем дел беа деца на возраст од 15-16 години. Донесени се со акутен синдром – повраќање. Сите беа брзо згрижени и утрово повторно беа направени лабораториските анализи. После тоа, утрово околу 11 часот се пуштени на домашно лекување, изјави за порталот Дан директорот на которската болница д-р Давор Кумбуровиќ – пренесува „Дан“.
Претседателот на општина Будва, Мило Божовиќ и општинската администрација им стојат на располагање на туристите кои имаат здравствени проблеми и доколку има потреба ќе им обезбедат сместување, превоз и се останато, пренесуваат регионалните медиуми.