Фото: Пиксабеј

Група од четири, веројатно малолетни лица, доцна синоќа со камења нападнале автобус со српски туристи на автопат на излез од Солун, а полесно се повредени три лица, меѓу кои вториот возач и две патнички, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, автобусот се враќал од Халкидики кон Србија, а инцидентот се случил на стариот излез за автопатот Солун-Верија.

Фрлените камења биле големи и скршиле прозорци, а од стаклото вториот возач бил повреден во пределот на устата и префрлен во болница, додека пак двете туристки биле полесно повредени и не побарале лекарска помош.

Државната новинска агенција АНА-МПА објави дека полицијата привела две лица, но биле ослободени бидејќи не биле пронајдени докази против нив, а истрагата продолжуваа за да се идентификуваат сторителите.