Албанската полиција неодамна го уапси 20-годишниот Ермес Хаџоли од Деволи, осомничен дека направил тешка измама при што нудел патувања во САД за мноштво ученици преку фиктивна програма за стипендии и бесплатни визи наречена „Ајде да зборуваме за САД 2023“. Тој, претставувајќи се со лажен идентитет, наводно, како внук(а) на албанскиот премиер Еди Рама, успеал во својата измама да ги вмеша албанското Министерство за образование и други образовни институции низ државата, поради што реагирала и американската амбасада во Тирана
Тектонска афера со низа измами во нашето соседство, која стигна и до Вашингтон
Ако Еди Рама или некој што се претставува како дел од неговото семејство на албанските граѓани им нуди некаква награда или стипендија, тие треба добро да размислат и да се запрашаат за веродостојноста на понудата, бидејќи веројатно е лажна. Ваквиот заклучок се должи на низа измами забележани во Албанија во изминатиот период, чии творци го злоупотребуваат идентитетот на албанскиот премиер, претставувајќи се како членови на неговата фамилија. И самиот Рама неодамна јавно ја предупреди албанската јавност да не наседнува на такви измами, но последниот скандал што ја потресува Албанија стигна и до американската амбасада во Тирана.
Дадена лажна надеж на стотици ученици за продолжување на образованието во САД
Албанската полиција неодамна го уапси 20-годишниот Ермес Хаџоли од Деволи, осомничен дека почнал измама при што нудел патувања во САД за ученици преку фиктивна програма за стипендии и бесплатни визи наречена „Ајде да зборуваме за САД 2023“. Тој, претставувајќи се со лажен идентитет, наводно, како внук(а) на албанскиот премиер Еди Рама, успеал во својата измама да ги вмеша албанското Министерство за образование и други образовни институции низ државата, поради што реагирала и американската амбасада во Тирана. Судот во Тирана му одреди притвор под сомнение за сторени кривични дела – компјутерска измама и фалсификување документи.
Неговото приведување следуваше по шестмесечна истрага спроведена од специјална група истражители од Амбасадата на САД во Тирана, во соработка со Обвинителството на Тирана. Според информациите, 20-годишникот создал лажен идентитет, дружејќи се со службеници од Министерството за образование и други образовни институции низ Албанија. Првично, на 4 јуни беа уапсени две жени, кои, наводно, биле дел од проектот преку кој биле измамени граѓани и ученици. Откриено е дека една од уапсените е дел од образовниот систем, поточно службеничка за образование на локално ниво, дел од генералната дирекција за предуниверзитетско образование во Министерството за образование.
Стотици ученици, студенти, наставници и образовни работници низ Албанија учествувале во овие лажни програми како дел од оваа измама, која на учениците им давала лажна надеж дека ќе одат бесплатно во САД и таму ќе го продолжат своето образование.
Во меѓувреме, во јуни, со соопштение излезе и Амбасадата на САД во Тирана, со што ги замоли албанските граѓани да бидат внимателни и да не станат плен на вакви измами, поврзани со визи и стипендии.
Нејасно како измамата функционирала со месеци?!
Најголемата енигма за оваа шема е како девет месеци студентите и професорите биле вклучени во проект за кој се тврдело дека има поддршка од американската влада, кога такво партнерство не постоело.
Наставниците и учениците вклучени во овој проект изјавија дека им биле ветени стипендија и бесплатно патување во САД, но дека за тоа морале да учествуваат на натпревар на национално ниво, натпреварувајќи се со најдобрите проекти. Од октомври до мај, во рамките на натпреварот учествувале 126 ученици со просечна оценка над девет и по три круга на оценување биле избрани 44 финалисти. Во овој проект биле ангажирани 64 наставници како оценувачи или координатори. Процесот се одвивал пирамидално, каде што секое училиште што учествувало во натпреварувањето избирало наставник за координатор.
– Министерството за образование и спорт појаснува дека тесно соработува со органите на прогонот за истрагата и расветлувањето на овој случај. Министерството се обврзува да даде целосна поддршка и сите потребни податоци за да им помогне на надлежните органи во расветлувањето на овој случај – се наведува во соопштението од албанското Министерство за образование.
Албанскиот премиер предупреди за друга измама за „изнуда на пари“
Премиерот Еди Рама минатиот месец ги предупреди граѓаните за постоењето измамничка игра во која компјутерски биле претставувани лажни телефонски броеви и им биле праќани пораки на албанските граѓани со цел да изнудат пари од нив. Рама на социјалните мрежи информира дека полицијата уапсила дел од измамниците. А истовремено упати и апел до граѓаните што добиваат пораки од името на јавни личности да бидат внимателни и да не станат плен на овие криминални игри.
– Игра со измама со компјутери што имитираат телефонски броеви за да испраќаат лажни пораки им наштети на неколку луѓе до денес. Државната полиција приведе дел од овие измамници, кои успеале да земат пари. Но додека полицијата продолжува со работата за идентификација на други лица, им предлагам на сите што добиваат пораки од името на јавни личности, однапред да ја проверат автентичноста на испраќачот и да ја избегнат стапицата на оваа криминална игра – напиша Рама на сметка на социјалната мрежа Екс. Р.С.