Специјалниот претставник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти знаат што се очекува од нив пред средбата во понеделник на 27 февруари во Брисел.
Лајчак во интервју за порталот „Павловиќ тудеј“ нагласи дека САД силно го поддржуваат европскиот предлог за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина.
-Имав неколку средби со двајцата лидери одделно. Секако дека детално се запознаени со предлогот. Минатиот викенд, за време на Минхенската безбедносна конференција, тие одделно се сретнаа со високиот претставник Борел, германскиот канцелар Шолц и францускиот претседател Макрон – рече Лајчак.
-Тие многу јасно слушнаа што се очекува, што очекува Европската унија од нив. Го имаме предлогот, а потоа следува делот за имплементација. Рековме дека очекуваме предлогот да биде усвоен и очекуваме да бидеме ангажирани во делот за спроведување, врз основа на предлогот што го презентиравме – најави Лајчак и додаде дека и лидерите биле поканети да дадат реални и конструктивни предлози за овој дел на документот.