Партијата на актуелниот косовски премиер Албин Курти освои најмногу гласови на парламентарните избори одржани во неделата, но за формирање влада ќе зависи од можните коалициски партнери. ЕУ се надева на надминување на ќор-сокакот помеѓу Приштина и Белград, а допрва треба да се види ставот на САД кон Косово, откако Курти имаше тешки односи со претходната администрација на американскиот претседател Доналд Трамп
Дали победата на партијата на Курти на Косово ќе донесе затоплување на заладените односи на Приштина со Вашингтон и со Брисел?
Премиерот Албин Курти и неговата партија Самоопределување (Ветвендосје) победија на парламентарните избори на Косово, покажуваат првичните резултати на Централна изборна комисија (ЦИК). Сепак, за да формира влада, партијата на Курти најверојатно ќе зависи од потенцијалните коалициски партнери со кои во пристојниот период би влегол во преговори.
Според податоците на приштинската ЦИК, врз основа на повеќе од 88 отсто преброени гласа, на завчерашните избори води Ветвендосје со 41,29 отсто од гласовите. На изборите во 2021 година партијата на Курти имаше повеќе од 50 проценти од гласовите.
На второто место е Демократската партија на Косово (му припаѓа на либералното партиско семејство, нејзините водачи се обвинети за воени злосторства во Хашкиот трибунал) со 21,83 отсто, а на третото е Демократската лига на Косово (водеше кампања за зајакнување на врските со САД и со ЕУ) со 17,74 отсто од гласовите. На четвртото место е Алијансата за иднината на Косово со 7,68 отсто од гласовите.
Претходниот мандат на Курти беше првиот во историјата на Косово со кој заврши целосен владин циклус, но беше обележан со зголемени тензии меѓу Србите и етничките Албанци на северот на земјата. Тензиите се зголемија кога мировните преговори меѓу Приштина и Белград, поддржани од ЕУ и од САД привремено пропаднаа во март 2023 година, за што голем дел противници го обвинија тврдокорниот пристап на Курти. Тоа, исто така, доведе до санкции од Западот кон Косово во јули 2023 година.
И покрај некои достигнувања под претходното раководство на ЕУ, дијалогот во голема мера се претвори во тријалог на одделни состаноци. Поранешниот врвен дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, и специјалниот пратеник на блокот Мирослав Лајчак беа принудени да се сретнат и со Курти и со српскиот претседател Александар Вучиќ одделно, бидејќи двајцата се противеа да седнат заедно.
ЕУ го повика Косово да формира заедница на српски општини за да овозможи поголема самоуправа за Србите. Но, плашејќи се од отцепување на областите, Курти го отфрли предлогот и главно се стреми кон дополнително ограничување на автономијата на Србите во северниот дел на земјата.
Додека новата главна дипломатка на ЕУ, Каја Калас, се состана со двајцата водачи билатерално во декември, официјалните претставници на ЕУ рекоа дека првиот официјален круг на разговори во рамките на дијалогот олеснет од ЕУ беше одложен додека не поминат изборите во Косово. Датумот за нова рунда разговори сѐ уште не е одреден.
Дипломатите на ЕУ, сепак, се надеваат дека Калас и новиот специјален претставник на блокот за дијалогот Белград-Приштина, Петер Соренсен, ќе успеат да го надминат сегашниот ќор-сокак. Соренсен, дански дипломат, има тридецениско работно искуство во Западен Балкан.
Допрва треба да се види како новата американска администрација ќе се позиционира на Западен Балкан, бидејќи односите на Курти со првата администрација на американскиот претседател Доналд Трамп беа тешки. Тие врски веројатно дополнително ќе се влошат бидејќи новиот американски претседател го назначи Ричард Гренел, поранешен американски емисар за дијалогот Белград-Приштина, кој во минатото се судри со Курти, за свој нов претседателски пратеник за специјални мисии. Гренел, кој во неговата претходна улога беше обвинет дека вршел притисок врз Курти да прифати мировен договор поволен за Србија, веќе посочи дека неговата линија за Косово не е променета.
– И републиканците и демократите постојано го критикуваа Курти за преземање унилатерални активности што го дестабилизираат регионот. Истото тоа го направија и ЕУ и НАТО – напиша Гренел неодамна на социјалната мрежа Икс. Р.С.