Состаноците во Брисел треба да се одржуваат секој месец, изјави косовскиот премиер Албин Курти, говорејќи за приштинските медиуми за дијалогот Косово-Србија и можноста за средба со претседателот на Србија, Александар Вучиќ.
– Минатата година, на 18 август, се договоривме во Брисел да се среќаваме секој месец, во септември тоа не се случи, туку дојде француско-германски предлог, кој го нарекуваме предлог на Европската Унија, кој беше поддржан од Франција и Германија и немаше средба до 21 ноември – потсети Курти.
Курти рече дека требало да имаат почести состаноци бидејќи „несогласувањата се големи, а довербата е мала“.
– Сепак, се надевам дека оваа година ќе има поголема посветеност од меѓународната заедница, особено од Европската Унија и САД – истакна Курти.