На редовниот лет на „Кроација Ерлајнс“ од Загреб за Стокхолм на 30 септември, куче го оштетило багажниот простор на Ербас А319, пишува „Avioradar.net“.
Имено, кучето се превезувало во багажниот простор и недолго по качувањето било пуштено од кафезот. Екипажот слушнал бучава од кучето кое трчало во багажниот простор, па полетувањето било откажано, а патниците биле симнати и префрлени во друг авион.
Порталот пишува дека превозникот одлучил превентивно да го извади леталото од употреба и да го испрати на технички преглед за да ги замени оштетените делови.
– Во тек е утврдување на деталите и околностите кои довеле до инцидентот со кучето во багажниот простор на авионот пред редовниот лет ОУ486 Загреб – Стокхолм на 30 септември годинава. Засега може да се потврди дека компанијата ги почитувала хрватските и меѓународните законски прописи и соодветната внатрешна процедура за транспорт на животни во авионот како подготовка за превоз на кучето на летот OU486 Загреб – Стокхолм.
– Поради одредени оштетувања во багажниот простор на воздухопловот планиран за летот ОУ486, донесена е одлука авионот превентивно да се повлече од употреба и да се испрати на технички преглед, а патниците од споменатиот лет се превезени до нивната крајна дестинација истата вечер со наш заменет авион – велат од „Кроација Ерлајнс“.