Фото: „Нова Македонија“

Во нашето соседство веќе се подготвуваат кампови за прифаќање депортирани мигранти од САД

Косово го гледа овој договор (за прифаќање мигранти од САД) како брза победа – за одредена компензација по жител, како и сигнал за добра волја кон САД. Од друга страна, ова се поклопува во пошироката стратегија на Трамп – да се изврши мобилизација на ресурси во секоја држава, која е подготвена привремено да прифати мигранти депортирани од Соединетите Американски Држави. Перпарим Криезиу, портпарол на косовската влада, изјави дека до 50 лица во период од една година може привремено да бидат преселени во земјата со цел да се олесни нивното безбедно враќање во нивната земја на потекло

Деновиве американската влада објави дека „земјите од Балканот се вклучени на списокот и се контактира со нив за прашањето за депортирање странски државјани од САД, како дел од пошироката стратегија на мигрантската политика на САД“. Во тој контекст, официјална Приштина веднаш реагираше „со добра волја“ да излезе во пресрет на оваа иницијатива на Вашингтон.
– Владата на Косово изрази подготвеност да се ангажира, со можност за избор на лица од предложениот список, доколку исполнуваат одредени критериуми поврзани со владеењето на правото и јавниот ред – изјави официјална Приштина преку портпаролот на косовската влада, Перпарим Криезиу.

Приштина од петни жили се обидува да фати приклучок со Вашингтон

Според добро упатени извори, „еден од најјасните знаци дека претседателот Трамп во моментов се потпира и на Приштина е токму прашањето во врска со мигрантите“. Трамп сака договори за прием со трети земји и ќе ја третира како пријателска нација, секоја земја што сака да се придружи во решавањето на нивниот предизвик за контрола на имиграцијата, без разлика дали е во Латинска Америка, Азија или – дури и во Европа – на Балканот.

Ова е дел од стратегијата на Трамп во вториот мандат да ја прошири својата мрежа за депортација далеку надвор од границите на САД со потпишување договори со трети страни каде и да може, велат нашите соговорници.

Косовската влада неофицијално веќе појасни во јавноста дека „САД можат да депортираат недржавјани чии матични влади одбиваат да ги примат назад“. Во јуни 2025 година, Косово тивко се согласи да им дозволи на САД да испратат до 50 такви депортирани лица „привремено“ да ги згрижи Приштина, под услов Косово „да им помогне на депортираните да се вратат понатаму во нивните матични земји“.

Договорот за прифаќање депортирани мигранти од САД, Косово го гледа како своја победа

Косово го гледа овој договор (за прифаќање мигранти од САД) како брза победа – за одредена компензација по жител, како и сигнал за добра волја кон САД. Од друга страна, ова се поклопува во пошироката стратегија на Трамп – да се изврши мобилизација на ресурси во секоја држава што е подготвена привремено да прифати мигранти депортирани од Соединетите Американски Држави. Ова е дел од стратегијата на Трамп во вториот мандат да ја прошири својата мрежа за депортација далеку надвор од границите на САД со потпишување договори со трети страни каде и да може, велат нашите соговорници.

Но интересен е фактот што истовремено, повеќе извештаи потврдија дека администрацијата на Трамп тивко се потпира и на Србија за примање мигранти што САД планира да ги депортира. Имено, реномираниот „Блумберг“ прв објави дека регионалните тимови на американскиот Стејт департмент бараат од Србија да прифати луѓе – вклучително и оние што биле под заштита од ерата на Бајден – кои ќе бидат отстранети од САД следната година. Натаму, и „Ројтерс“ потврди дека Вашингтон формално побарал од Белград да ги прими овие депортирани лица како дел од поширокиот напор на САД да пронајде подготвени земји, „дестинација“ во Европа.

Според добро упатени, пристапувањето на администрацијата на Трамп кон Србија е дел од поширок притисок за наоѓање трети земји што се подготвени да ги апсорбираат мигрантите што САД сакаат да ги депортираат. Откако ги завршија или ги скратија програмите како што е Привремениот заштитен статус за стотици илјади Кубанци, Хаиќани, Никарагванци и Венецуелци, американските претставници побараа од балканските влади – вклучително и Србија – да се согласат да ги примат назад тие мигранти откако ќе завршат постапките за нивно отстранување. Неколку извори посочуваат дека претседателот Александар Вучиќ одржува блиски врски со кругот на Доналд Трамп, од друга страна Белград очекува одреден економски бенефит.

Косово ѝ „намигнува“ и на Велика Британија по прашањето за мигрантите

Аналитичарите регистрираат дека Косово веќе изрази подготвеност да разговара со Обединетото Кралство за предлог за основање „центар за враќање“ во Косово за баратели на азил. Предлогот за основање центри за враќање е дел од пошироката стратегија на Велика Британија за справување со растечкиот број мигранти што доаѓаат во Велика Британија преку нелегални патишта, а многу и од Албанија.

Интересно е што организацијата „Хјуман рајтс воч“ изрази загриженост дека користењето на балканските земји како земји домаќини за мигранти може да ги наруши нивните права и да создаде нови предизвици за земјите домаќини.

Во сличен договор што исто така предизвика критики, Косово и Данска се согласија во 2022 година да изнајмат 300 затворски ќелии во Казнено-поправниот дом во косовскиот град Гњилане за сместување странски затвореници за кои се очекува да бидат депортирани од Данска по отслужувањето на нивните казни.

Аналитичарите заклучуваат дека официјална Приштина прави сѐ за да се приближи кон западните влади, кои можат на кој било начин да помогнат да си ги реализира своите замисли и планови и да се стават „на косовска страна“ во билатералниот спор со Србија, но и во регионални, па и пошироки рамки.