Министерката за образование на Косово, Арберие Нагавци денеска изјави дека административното упатство за образовните институции, кое во дел од јавноста се толкуваше како ограничување на верските слободи, односно забрана за носење шамии во училиштата, и натаму останува во сила, јави дописникот на МИА од Приштина.
Нагавци на денешната прес-конференција рече дека протестите против упатството се неосновани и нагласи дека со косовскиот Устав „јасно е деифиниран карактерот на државата и на јавните институции“.
Според неа, во споменатиот акт воопшто и не се зброрува за прашањето на носењето шамии во училиштата.
– Сакам јасно да ставам до знаење дека некакво административно упатство за шамиите никогаш и немало. Сéта кампања што ја гледате во последно време, јас сметам дека е неоснована и не стои. Јасно е дефиниран карактерот на државата и на јавните институции… Вистина е дека препораките се за Упатството да остане во сила и ние не можеме да промениме некој негов специфичен член. Упатството останува во сила – изјави Нагавци.
Таа нагласи дека правото на школување е гарантирано и никому не може да се забрани да ја следи наставата во училиштата.
Во косовската јавност се разви дебата околу тоа дали треба на девојчињата и девојките да им се дозволи носење шамии на училиште, а во социјалните мрежи се покрената обемна кампања со барање да се укине административната одлука која е во сила и која тоа го забранува.
Премиерот Албин Курти во врска со тоа изјави дека смета оти треба да се дозволи употреба на верските симболи во јавниот живот во Косово, но оти прагот за тоа треба да биде 16-годишната возраст.
Претседателката на државата, Вјоса Османи одговори дека за да се смени возрасниот праг, не само за користење на шамиите, потребна е промена на Уставот, односно тоа не може да се направи со закон или владини одлуки.