Фото: НАТО

Првиот контингент од 200 британски војници денеска пристигнаа во Косово како засилување на мировната мисија на силите на НАТО во Косово (КФОР), соопшти вечерва Алијансата.

Во соопштението се наведува дека распоредувањето на дополнителните сили на КФОР доаѓа по нападот врз припадници на косовската полиција на 24 септември и зголемените тензии во регионот.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дополнителните британски војници се од Првиот баталјон на Кралскиот полк на Принцезата од Велс, кои им се приклучија на контингентот од 400 припадници на Вооружените сили на Обединетото Кралство кои веќе се стационирани во Косово.

Дополнително и романската Влада во вторникот соопшти дека ќе испрати уште околу 100 дополнителни свои војници во Косово за да ги зајакне силите на КФОР.

– Овие распоредувања претставуваат чекор на претпазливост за да се обезбеди дека КФОР ги има силите што му се потребни за да го исполни својот мандат даден од ОН за одржување на безбедна и сигурна средина и слобода на движење за сите луѓе во Косово. Распоредувањето се заснова на барање на Врховниот командант на НАТО за Европа и беше одобрено од сојузниците во Северноатлантскиот совет – се додава во соопштението.

Мировната мисија во Косово, предводена од НАТО, функционира од 1999 година согласно Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН. КФОР моментно се состои од над 4.500 војници од 27 земји членки и партнери на НАТО.