Илустрација / Фото: Игор Бансколиев

Грција ја тресе нов безбедносно-политички скандал пред европските избори

Личните податоци од гласачите што ги поседува грчкото Министерство за внатрешни работи по некакви канали стигнале до европратеничка од владејачката Нова демократија, која се кандидираше за реизбор на оваа функција

Грчкото Министерство за внатрешни работи се соочи со плаќање висока казна за незаштитување на личните податоци на гласачите пред европските избори следниот месец, откако досиејата за гласачите што живеат во странство беа откриени кај членка на владејачката партија Нова демократија.
Управата за заштита на податоците на земјата на почетокот на неделата изрече парична казна од 400.000 евра за Министерството за внатрешни работи и 40.000 евра за Ана-Мишел Асимакопулу, членка на Европскиот парламент од Нова демократија, за нарушување на приватноста на гласачите. Казните следуваа по скандалот поврзан со Асимакопулу, која на 1 март им испрати електронска пошта на Грците што живеат во странство за да ја промовира својата кандидатура за реизбор. Известувањето на европратеничката дојде истиот ден како посебна порака од Министерството за внатрешни работи, со која ги информира иселениците дека можат да го дадат својот глас по пошта на следните избори.

Десетици приматели на е-поштата на Асимакопулу рекоа дека никогаш немале претходна комуникација со неа и дека не се согласуваат да ги добиваат нејзините пораки по електронски пат. Не објаснувајќи како ги добила податоците, Асимакопулу, која беше заменик-претседателка на Комисијата за меѓународна трговија во минатиот мандат, се повлече на 15 март од кандидатурата за кампањата на Нова демократија. Партијата е предводена од премиерот Киријакос Мицотакис.

Според истрагата на органот за заштита на податоци, досието со податоци за сите гласачи регистрирани за изборите во јуни 2023 година се нашло во рацете на европратеничката. Списокот е испратен до функционер на Нова Демократија што се занимава со работи на дијаспората од непознато лице. Службеникот потоа го проследил до Асимакопулу, која го користела за испраќање е-пошта за масовна кампања, соопштија надлежните.

Органот за заштита на податоците сè уште ја истражува улогата на Нова демократија во скандалот, што може да доведе до дополнителни казни. Државниот обвинител, исто така, води посебна истрага, а десетици иселеници веќе поднесоа тужби и против Асимакопулу и против Министерството за внатрешни работи. Највисокиот државен службеник на министерот за внатрешни работи, исто така, поднесе оставка поради скандалот во март. Министерството во соопштението рече дека „темелно ќе ја проучи“ одлуката на органот пред да одлучи за понатамошна правна постапка.

Опозициските партии, вклучувајќи ги и лево-центристичката СИРИЗА и социјалистичкиот Пасок, сега бараат оставка од министерот за внатрешни работи Ники Керамеус.
– Неприфатливо е Министерството за внатрешни работи да се претвори во изборен центар на Нова демократија, а личните податоци на илјадници иселеници Грци да им се предаваат на владејачката партија и на нејзините кандидати – разоткривање на земјата и разнишување на довербата на граѓаните – се вели во соопштението од Пасок.

Гласачите се повикуваат да гласаат на европските избори закажани за 9 јуни. Грците што живеат во странство можат да ги испратат своите гласачки ливчиња до 8 јуни. С.Т.