Почна изборниот молк во Србија
Во Србија од ноќеска на полноќ почна изборниот молк пред вонредните парламентарни, редовните претседателски и редовните локални избори за Град Белград и 12 локални самоуправи, кој ќе трае до недела (3 април), до 20 часот, кога се затвораат избирачките места. Во Србија годинава се смени Законот за електронски медиуми, со кој се забрануваат функционерски кампањи, па на медиумите им беше забрането од 24 март до 1 април да известуваат за активностите на функционерите што се и кандидати на изборите од отворањето инфраструктурни работи и објекти. Гласачите на предвремените парламентарни избори в недела, од 7 до 20 часот, ќе можат да гласаат за 19 листи, за осум претседателски кандидати, а Републичката изборна комисија е должна најдоцна до 7 април, до 20 часот, да ги објави официјалните резултати.
На парламентарните избори, според пропорционалниот систем, за Народното собрание на Република Србија се избираат 250 пратеници. Право на глас имаат 6.501.689 запишани избирачи на 8.255 избирачки места. Според важечкиот изборен закон, Република Србија претставува една изборна единица. Пратеничките мандати се распределуваат пропорционално на бројот на освоени гласови. Политичките партии на националните малцинства при распределбата на мандатите, кои доколку не го надминат изборниот праг од 3 отсто, подлежат на „природен праг“, кој се добива кога бројот на важечки гласови ќе се подели со 250 пратеници за секое место, што во зависност од одзивот на изборите, претставува меѓу 12.000 и 16.000 гласа.
Според истражувањето спроведено од Институтот за европски прашања во март годинава, сценарио во кое опозицијата ќе освои мнозинство во српскиот парламент е малку веројатно, со оглед дека повеќе од половина од гласачите би гласале за СНС. Во истата анкета, граѓаните се изјасниле дека Вучиќ како претседателски кандидат би победил во првиот круг со над 60 отсто од гласачкото тело. Вучиќ има седум противкандидати, а за победа во првиот круг се потребни повеќе од 50 отсто од гласовите.