Претседателката Илијана Јотова денеска најави дека ќе потпише укази со кои ќе се назначи привремена влада и ќе се закажат парламентарните избори за 19 април. Ова следи откако кандидатот за премиер во техничката влада, Андреј Ѓуров, го претстави составот на кабинетот.
– Ќе издадам указ за назначување на вашиот привремен кабинет и ќе ја чекам вашата заклетва пред Народното собрание. Исто така, ќе издадам Указ за одржување парламентарни избори на 19 април – рече Илијана Јотова, пренесе БТА.
Граѓаните на Бугарија ќе излезат на гласање по осми пат од 2021 година, што ја нагласува политичката нестабилност во земјата.
Владата на Росен Жељазков поднесе оставка по протестите кон крајот на минатата година, а претседателот Румен Радев спроведе консултации со парламентарните партии. На почетокот од оваа година тој додели три мандати за формирање влада – на ГЕРБ-СДФ, „Промените продолжуваат – Демократска Бугарија“ и „Алијанса за права и слободи“, но сите беа вратени неуспешно, што отвори пат за нови избори.
На 12 февруари, Јотова го назначи заменик-гувернерот на Бугарската народна банка, Андреј Ѓуров, за вршител на должноста премиер и му ја довери задачата да предложи состав на техничка влада. Според законските одредби, гувернер или заменик-гувернер на Бугарската народна банка кој прифатил да биде назначен за премиер мора да поднесе оставка од функцијата.



































