Фото: Принтскрин

Пред Специјалниот суд во Хаг утрово во 9 часот почна судењето на поранешните водачи на ОВК – Хашим Тачи, Кадрије Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи. На почетокот беа претставени тимовите на обвинителството и одбраната на сите четворица обвинети, по што беше планиран воведен говор на обвинителството.

Хашим Тачи изјави дека го разбира дополнетото обвинение, но дека не е виновен.

-Јас сум целосно невин – рече Тачи.

Весели изјави дека не го прифаќа обвинението, дека не се согласува со одложување на судењето за две години, како и дека не е виновен по ниту една точка од обвинението.

Селими изјави дека го разбира обвинението и останува на својата претходна изјава дека не е виновен за ниту едно од обвиненијата. Красниќи изјави дека тоа нема никаква врска со ниту една точка од обвинението и дека го разбира обвинението како што е, но не се согласува со него и не го прифаќа, пренесува „Косово онлајн“.

Тачи, Весели, Селими и Красниќи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во 42 незаконски притворања на поранешната ОВК во Косово и Албанија на најмалку 407 притвореници, од кои најмалку 98 се убиени. Тие се обвинети за неправедно лишување од слобода, мачење и убивање на луѓе, а за овие злосторства им се заканува доживотен затвор.

Во обвинението се наведува дека делата за кои се товарат се извршени во периодот од март 1998 година до септември 1999 година најдоцна, на повеќе места во Косово, како и во Кукс и Чахан, во северна Албанија.