Илустрација / Архива / Фото: Нова Македонија

Претседателот на огранокот на Партијата на Слободата за општина Пустец и познат македонски активист, Панди Јани, обвини за изборен инженеринг кој го „спроведуваат локалната власт во општина Пустец и Еди Рама”.

-Со загриженост и силно негодување ја информираме јавноста за сериозните изборни нерегуларности што ги спроведува локалната власт во Општина Пустец, со поддршка на владата на Еди Рама. Во обид да ја задуши демократијата и да ја компромитира слободната волја на граѓаните, владејачката структура спроведува масовен притисок врз административните работници и жителите на општината, користејќи закани и уцени со цел манипулација на претстојните избори – стои во објавата на Јани.

Додава дека имаат цврсти докази дека се врши „незаконско собирање на личните карти од дијаспората, со што се создава опасен механизам за изборен инженеринг и директно загрозување на интегритетот на изборниот процес”.

Оценува дека ова е чин на злоупотреба на власта, спротивен на секоја демократска и правна норма.

-Бараме итна кривична и морална одговорност за овие постапки. Апелираме до сите граѓани на Пустец и целата албанска јавност да не потклекнуваат на овие уцени и закани, туку да дадат отпор на владејачката диктатура – се нагласува во објавата.

Се посочува дека демократијата и слободниот избор се основни права на секој граѓанин и не смеат да бидат узурпирани од корумпирани структури.

– Ја повикуваме меѓународната заедница, независните институции и граѓанскиот сектор да реагираат против овој организиран изборен криминал. Ќе продолжиме да ја информираме јавноста и да се бориме за вистинска демократија во Пустец и во цела Албанија. Доста е од диктатурата – време е за слободен избор – порачува Јани.

Во однос на ваквите обвинувања, став побаравме и од градоначалникот на општина Пустец, Пали Колефски.

-Нема ни трошка вистина. Тоа се само шпекулации и ги сметам за тенденциозни. Парламентарните избори се на 11 мај и на вакво нешто не сме ни помислиле а не да го направиме – изјави Колефски за МИА.

Колефски за градоначалник беше избран како кандидат на Социјалистичката партија, поддржан од Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ.