– Излезните анкети од денешните парламентарни избори во Албанија говорат за изборен триумф на актуелниот премиер и лидер на Социјалистичката партија – Еди Рама.
-Социјалистите освоија 51,8 проценти од гласовите на денешните парламентарни избори во земјата, покажуваат податоците од излезните анкети објавени од „Албениан пост“ – објави Топ чанел.
Ова ѝ обезбедува на партијата 79 мандати во парламентот со 140 пратеници.
На второто место, според излезните анкети, е коалицијата предводена од главната опозициска партија – Демократската партија (ДП) на Албанија, на поранешниот премиер и претседател Сали Бериша – Коалицијата „Алијанса за величествена Албанија“. Се предвидува дека оваа коалиција освоила 38 проценти од гласовите, што ѝ носи 54 пратенички места.
Социјалдемократската партија (СДП) на Албанија, предводена од Том Доши, освои 2,2 проценти, што ѝ обезбедува три пратенички места.
Партијата „Можност“ на поранешниот член на ДП, Агрон Шехај, освои 3,6 проценти, но ќе има само двајца пратеници поради концентрацијата на нејзините гласови главно во Тирана и нивното расцепканост во другите региони.
Движењето „Заедно“ на Арлинд Ќори едвај го помина изборниот праг и ќе добие еден мандат, но самиот Ќори нема да влезе во парламентот.
Евроатлантската коалиција на Ендри Хаса и поранешниот лидер на ДП, Љуљзим Баша, се предвидува да освои 1,4 проценти од гласовите, при што Баша ќе стане пратеник.
Коалицијата „Иницијатива Албанија станува“ (ИАС) на Адриатик Љапај и Ендрит Шабани освои 1,8 проценти на национално ниво, но нема да има пратеници во парламентот.
Според новата изборна формула, секоја партија учествува на изборите со 186 кандидати за пратеници, поделени на затворени листи (подредени од партијата) со по 46 кандидати и отворени листи (каде се гласа со преференции) со по 140 кандидати.
Претседателот на ЦИК Илирјан Целибаши на прес конференција изјави дека Изборниот процес минал во согласност со сите регулативи.
-Денешниот изборен процес мина во согласност со сите регулативи. Регистрирани се неколку помали инциденти, за што ќе бидат преземени соодветни мерки. Граѓаните гласаа достоинствено, а партиите ги замолувам со смиреност и трпение да ги чекаат резултатите – порача Целибаши.
Тој додаде дека првичните резултатите од неколкуте општини каде имаше електронско гласање ќе бидат објавени во текот на утрешниот ден. Вкупните првични, неофицијални, резултати, додаде, ќе бидат објавени според законските одредби.